Прв случај на заболен со ковид-19 во Кичево е потврден од Министерството за здравство во дневната статистика за последните 24 часа.
Кичево досега беше едно од ретките места во земјава каде што немаше дијагностициран случај со коронавирус. Ова делумно и засега останува така бидејќи заболениот, за кој се потврди дека е позитивен, неколку месеци не бил присутен во градот.
Од Кризниот штаб во Кичево за „360 степени“ ја потврдија оваа информација и велат дека лицето е на возраст од околу триесетина години и е со лична карта и место на живеење во Кичево, меѓутоа неколку месеци не бил во градот.
„Станува збор за момче што работело на брод во една од европските држави и вчера се вратило во земјава, преку протоколите за враќање на нашите државјани дома. Како што налагаат правилата, тој бил сместен во задолжителен државен карантин, распределен во хотел во Скопје и сè уште е изолиран. Тој вчера се пожалил на тегоби и кашлица, а резултатот од направениот тест за присуство на коронавирусот бил позитивен“, велат од Кризниот штаб во Кичево за „360 степени“.
Здравствената состојба на заболениот со коронавирус засега е стабилна.
*Поврзана вест: Шест лица починаа од ковид-19 во последното деноноќие
Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, апелира до жителите да не се крева паника и дека институциите го даваат максимумот во борбата против коронавирусот.
„Нема простор за паника. Ние сме постојано во комуникација со сите матични лекари, со Центарот за јавно здравје и до овој момент нема индиции за нови случаи. Момчето за кое е потврдено дека е позитивно на ковид-19 е наш сограѓанин, меѓутоа, подолг период не било во градот. Ние продолжуваме со редовното дезинфицирање на улиците низ Кичево и ги преземаме сите останати активности во борбата против коронавирусот. Апелирам до жителите и тие да се придржуваат до зададените насоки и заедно да ѝ се спротивставиме на оваа болест“, ни изјави градоначалникот Дехари.