КОД: „Кажи мајче“- неуморна борба за секој пациент зад затворените врати на Инфективната клиника

-Кажи мајче, кажи душо. Добро, добро. Ајде. Водичка? Еве водичка ќе ти наполнам, вака медицинска сестра и се обрати на постара пациентка заболена на Инфективната клиника.

Ова е само еден сегмент од 24 часовно дежурство на вработените на Инфективната клиника. Има околу 70 пациенти од кои осум се со потешка форма, приклучени на респиратори. Секојдневно стигнуваат нови пациенти, а клиниката се уште има капацитет да ги прими.

Амбулантна кола од Прилеп дојде додека снимавме. Повозрасна жена која беше во стабилна состојба помина низ таканаречениот тријажен центар за да стаса до својата болничка соба. Ако на почетокот оваа розова зграда беше местото каде ги сместуваа првите пациенти сега пациенти има и во останатите делови на клиниката.

Поделени според тоа дали се на интензивна нега, респираторни машини, кислородна поддршка или се на одделенијата доколку се со полесна форма. Доктор Билјана Петревска е специјалист инфектолог. Работи токму во амбулантатата каде се проценува кој пациент за кој оддел е.

-Јас сум од почеток на ситуацијата, со првите пациенти примени. Тријажата се врши при преглед во амбулатна состојба и врз основа на тоа се проценува состојбата на пациентот. Тешките се праќаат на интензивна нега, а останатите на другите клинички оддели. Болеста има енигми ама се трудиме да се информираме од студии во држави каде веќе има стражувања. За сите е релативно нова болест, вели др Петревска.

Доктор Илир Демири е долгогодишен специјалист за инфективни болести и фебрилни состојби . Бил сведок и на САРС, птичји и свински грип, работел и во време кога светот се соочуваше со Ебола но и покрај толкавото искуство за прв пат се соочува со волку тешка ситуација . Ја следи и организира работата уште од првата пациентка која дојде од Италија

-Не беше полесна првата пациентка, беше во тешки случаи ако ги групираме по сегашните стандарди. Таа беше во група тешки, имаше ниска сатурација на кислород во крвта, кислородна поддршка преку маска примаше постојано. Јавноста колку знаеше за случајот не знам, ама ние сериозно ја сфативме и срекни бевме кога никој што бил со неа во комбите, никој од нејзините контакт не беа заразени, вели др. Демири.

Првата пациентка ја преброди кризата. Но за жал сопружниците од Дебар кои исто така дојдоа од Италија со себе на клиниката донесоа уште многу свои сограѓани.

Снежана Лупевска Созен

- Реклама -