„Владата одлучи да го зголеми ограничувањето на движењето, пред сè да се спречи социјалната интеракција меѓу луѓето, односно тоа да се сведе на минимум, со цел да се спречи ширењето на заразата од коронавирусот. Јас лично да ви кажам исто така се залагам за поригорозни мерки“, вели министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во интервју за „Радио Слободна Европа“, прашан зошто тој и владата се одлучиле на воведување на полициски час за сите наместо како во европските држави – контрола и казнување исклучиво на неодговорните поединци.
Одлуката е базирана на препораките од Комисијата за заразни болести, објаснува Чулев.
„На ниво на Влада секој ден имаме координативен штаб на кој се разгледуваат сите оние препораки кои доаѓаат од Комисијата за заразни болести во која членуваат епидемиолози, инфектолози, тоа се лица кои се стручни во проблематиката и тие ги предлагаат мерките на владата. Врз основа на нивните стручни мислења беше дека пикот на заразата со коронавирусот во Македонија ќе биде во периодот што доаѓа, односно кон крајот на април“.
Прашан за какви построги мерки се залага, министерот посочи дека сме друштвен народ:
„Вклучително и овие мерки што сега се преземаа, пред сè заради менталитетот на луѓето што живеат во нашата држава и коишто се многу друштвени. Имаме многу интензивни социјални контакти и луѓето тешко се откажуваат од нормалниот начин на живеење, така што и мерките на Владата се во таа насока“.
Во интервјуто, меѓу другото, Чулев се пoжaли и дека не го викаат на владините прес-конференции. Целото интервју прочитајте го ТУКА.