Бројот на новозаразени од коронавирус во Црна Гора е во постојан пад од 3 април, кога е забележан најголем број на случаи на болеста во еден ден – 37, соопшти црногорскиот Институт за јавно здравје.
Во последните 24 часа се регистрирани три нови случаи, а тестирани се вкупно 167 лица. Вчера од 315 тестирани, коронавирусот е потврден кај 8 лица.
Сепак, црногорските здравствени власти веруваат дека е рано за опуштање.
„Ова е четврти или петти ден по ред да бележиме помалку случаи и ситуацијата е таква што некој ќе помисли дека успеавме во нашиот план и го потиснавме ширењето на епидемијата. Не смееме да се опуштиме и да го следиме бранот на оптимизам што во моментот се бележи“, соопшти епидемиолог од Институтот за јавно здравје на Црна Гора Сенад Бегиќ.
Во Црна Гора од 17 март кога е регистриран првиот случај до денес се потврдени 252 случаи на зараза со коронавирус, а како резултат на ковид-19 починале две лица.
„Во Црна Гора во моментов се лекуваат 41 пациент, од кои четворица се на респиратор. Седум пациенти ќе бидат отпуштени од болницата до крајот на неделава“, рече директорот на Клиничкиот центар на Црна Гора, Јевто Ераковиќ, истакнувајќи дека сите пациенти, освен оние кои се приклучени на респиратор, се во стабилна здравствена состојба.
Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ ја посети општината Тузи, која веќе две недели е во целосна изолација, изјави дека денеска се гледа дека овие мерки биле оправдани, и дека одговорното однесување на граѓаните потврдува дека жителите покажале целосна посветеност.
Општината Тузи која што има население помало од 15.000 жители, во еден момент беше центар на зараза со коронавирус во Црна Гора, па властите ја ставија во целосна изолација што даде резултати и го запре ширењето на вирусот во областа.