Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис смета дека со тоа што ЕУ ќе ги поседува правата ќе може веднаш да ги дистрибуира во земјите членки кога ќе се потврди нивната ефикасност
Грција им предложи на земјите членки на ЕУ заеднички да ги откупат правата за вакцини против ковид-19 и за брзи тестови, кои се во фаза на развој, во случај да се покажат како ефикасни, да можат брзо се дистрибуираат во целиот блок.
Во написот објавен во германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ), како што пренесува Ројтерс, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис вели дека наоѓањето решение за брза дистрибуција на вакцините, кога тие ќе бидат достапни е тешко, но е итно.
Во моментов најмалку 20 вакцини против ковид-19 се во фаза на развој, од кои повеќето се субвенционирани од поедини влади или добротворни организации, вели Мицотакис за германскиот весник.
„Во идеални услови, откако ќе се докаже нивната ефикасност, ваквите вакцини треба да се дистрибуираат што е можно побрзо, фер и по разумна цена“,
вели Мицотакис додавајќи дека откупувањето на правата би била стимулација за глобалните фармацевтски компании да продолжат со истражување и развој и ќе значи разумно трошење на парите на европските даночни обврзници.
Овој грчки предлог неодамна беше поднесен од Елиас Мосиалос, професор по здравствена политика на Лондонската економска школа, кој е претставник на Грција во меѓународните разговори за справување со коронавирусот.
Како што изјави тој за Ројтерс, трошоците за откуп на правата би биле распределени меѓу земјите членки на ЕУ и ова би било еднократно решение кое би се користело само во екстремни случаи, како што е пандемија, и не би имало влијание врз одржливоста на медицинската индустрија.
„Откупот на правата за вакви тестови и вакцини на ниво на ЕУ ќе овозможи нивно производство на многу локации и ќе овозможи нивна широка дистрибуција“, вели Мосиалос.