Бугарскиот премиер Бојко Борисов одбива да биде тој што ќе решава дали некој ќе живее, или не. Во своето обраќање на Фејсбук по повод Светскиот ден на здравјето, посветен на здравствените работници, Борисов порача дека нема да дозволи државата да се претвори во мpтовечница. Целиот пост во продолжение:
„Ценети лекари, медицински сестри, санитари, фармацевти и лаборанти, Ве поздравувам по повод Светскиот ден на здравјето и професионалниот празник на здравствените работници во Бугарија. Се поклонувам пред Вашата човечност, сила и огромна одговорност да се грижите за другите.
Годинава го пречекуваме празникот во поинакви околности. Се наоѓаме во криза која ги фати неподготвени сите држави во светот. Непријателот е невидлив, непознат. За некои на почетокот изгледаше безопасен, но денес нѐ исправува пред тешко искушение.
Во оваа битка против епидемијата нема потреба од напаѓачи, сите сме бранители. Само ако сме обединети и одговорни можеме да изградиме заштитна брана против заразата. Со неа ќе се одбраниме не само себеси, но и блиските. Зашто штетите по економијата, колку и да се тешки, порано или подоцна ќе ги санираме. Човечкиот живот, меѓутоа, е незаменлив. Само здравиот човек, дури и да се сопне, ќе има сили да се исправи и да продолжи по патот.
Денес сите заедно вложуваме напори и трпиме лишyвaња во секојдневието во име на здравјето. Низ годините сум успеавал непогрешливо да го насетам незадоволството на луѓето, да ја чујам нивната критика. И никогаш не сум останувал рамнодушен. Тоа ќе продолжи и во иднина.
Денес, меѓутоа, ситуацијата е поинаква. Гледам каква товар понесува секој еден од нас заради борбата против епидемијата. Но, Ве уверувам, дека сето тоа вреди. Дејствијата кои ги преземавме даваат резултат. Колку повеќе дисциплина и одговорност покажеме сега, толку побрзо и полесно ќе преминеме преку пикот на епидемијата. Ниту една мерка меѓутоа нема смисла ако не се почитува од секого и насекаде. Дозволиме ли отстапување или олабавување, последиците ќе се стpaшни и непредвидливи.
Веќе ја искажав својата почит кон лекарите. Тие се херои. Но да си херој денес означува и да ги запазуваш мерките. На тој начин исто така спасуваш животи.
Не можам да Ви ветам дека по овој предизвик сѐ ќе биде како претходно, но Ви давам збор дека ќе ги вложам сите сили Бугарија да продолжи по патот напред. Благодарам на бугарските лекари и на сите бугарски граѓани за тоа што во ваквите тешки моменти покажуваат колку силен и достоен народ сме, обединет веќе 13 века во една голема кауза – да опстои Бугарија.
Денес се поклонувам со чувство на гордост пред секој еден бугарски граѓанин. Кон секој еден од Вас. Зашто секој е херој.
Ќе продолжам да се борам за Вашето здравје пред сѐ друго. И категорично нема да бидам тој што ќе ја претвори државата во мpтoвечница. Одбивам да бидам тој што ќе решава кој да диши, а кој не. Преферирам да ги истрпам сите критики поради ограничувачките мерки. Претпочитам да минеме редица нeзгoди, но да останеме живи. И така да излеземе од кризата. Зашто државата – тоа сме сите ние и секој еден живот е бесценет. Тоа е и ќе продолжи да биде нашата филозофија“, напиша Борисов.