Животот ќе може во целост да се врати во нормала само откако вакцината против коронавирусот ќе биде глобално достапна, предупредува коосновачот на Microsoft Бил Гејтс.
Тој изрази надеж дека вакцина против коронавирусот би можела да биде развиена веќе до крајот на годината, а тестирањето и паралелно изградбата на капацитети за масовно производство да завршат за околу 18 месеци. Сепак, со својот ангажман и со средствата кои тој ги вложува во финансирање, се надева дека ќе го забрза овој процес.
„Почнете да градите фабрики веднаш“
Императив е брзо да се работи на развој на новата вакцина „во милијарди дози“, порача Гејтс во интервју за Fox News.
Развиените земји како САД, рече тој, порано или подоцна ќе можат да се борат против вирусот, но истиот ќе мора да биде поразен во целиот свет.
„Нештата нема вистински да се вратат во нормала сѐ додека вакцината не биде достапна практично во целиот свет“, рече милијардерот, кој минатата недела ја повика американската влада да почне со изградба на лаборатории и фабрики за развој на најперспективните вакцини.
Гејтс финансира развој на вакцина, иако тоа ќе го чини милијарди
Трката со времето за развој на вакцина може да вроди со губитоци од милиони долари, со оглед дека не сите вакцини ќе бидат успешни и употребени.
„Приватните компании не можат да преземат таков ризик, но сојузната влада може“, порача Гејтс, додавајќи дека тоа е единствен начин да се осигура масовно производство на вакцини.
Неговата фондација, која главно финансира здравствени програми, издвои 105 милиони долари за борба против актуелната пандемија. Сепак, оваа бројка може да се покаже како многу поголема; Како што објасни самиот тој во гостувањето во „The Daily Show“, неговата фондација, иако на крајот ќе избере само две, ќе ги финансира и преостанатите седум компании што конкурирале за развој на вакцина:
„Иако нашата селекција ќе заврши со најмногу две, ќе ги финансираме сите седум преостанати компании, само за да не губиме време прашувајќи ‘која вакцина делува’. Потоа ќе изградиме фабрика.
Ќе потрошиме неколку милијарди долари. Меѓутоа, вреди да се изгубат неколку милијарди долари поради ситуацијата во која се наоѓаме“, рече тој.