Моментно располагаме со 4.500 тестови, а резервите секојдневно се надополнуваат, тврди министерот Филипче
Министерот за здравство Венко Филипче објави вечерва податоци според кои Северна Македонија расплага со доволно тестови за коронавирус, така што според стапката на тестирања, сметано на милион жители, е втора во регионот, односно само малку заостанува зад Хрватска.
„Моментно располагаме со 4.500 тестови, а резервите секојдневно се надополнуваат. Ја очекуваме и донацијата од 20.000 китови за тестирање, кои се доволни за потребите според вкупниот број на население во земјава“, објави Филипче на својот фејсбук профил.
Тој посочува дека анализите покажуваат дека со 2.362 тестирања сме втора земја во регионот, по Хрватска со 2.395 тестови, а според бројоката на спроведени тестови за коронавирус на милион жители.
„Имаме доволно тестови за да ги задоволиме потребите на нашата земја. Ова е одличен резултат, не само за бројката на тестови, туку и за целокупниот пристап кон идентификување на пациентите, нивните резултати и кластерите на заболени“,
оцени Филипче.
Опозицијата, пак, побара денеска од здравствените власти во земјава да го спроведат принципот „тестирај, тестирај, тестирај“, оценувајќи дека тоа ќе помогне и за поголема заштита на здравствените работници. Претходно, тврдењата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека земјава едвај има тестови за еден ден го испровоцираа Филипче да објави дека Христијан Мицкоски свесно лаже и предизвикува паника.