„Довербата во здравствениот систем е преку 80% и се зголемува бидејќи на пиедестал е пациентот. За него постои здравството“, пишува експремиерот Зоран Заев денеска на Фејсбук, потсетувајќи на неговото гостување во „Само интервју“ на „Канал 5“.
„Лекарите ги охрабривме преку подобри примања, преку подобри услови, преку подобри и поопремени болници, за да можат да ги имаат сите услови за грижа за пациентите“, образложува Заев.
Преку друштвените мрежи, Заев уште еднаш ја упати и пораката за солидарност:
„Колку бидеме посолидарни и водиме грижа еден за друг, ги почитуваме институциите и препораките од стручните луѓе, толку побрзо и полесно ќе ја пребродиме кризата од коронавирусот.
Верувам дека сме успешни, благодарение пред сѐ на стручните луѓе, медицинскиот тим околу министерот Филипче, Комисијата за заразни болести, Кризниот штаб.
Драго ми е што ја вративме довербата во институциите, ако веруваме во институциите, институциите ќе бидат уште поодговорни кон своите граѓани. Граѓаните треба да знаат дека државата е тука да им се најде“, апелираше Заев и претходно во ТВ гостувањето.