Мицкоски вели дека не останале повеќе од 100 теста, МЗ му возврати да не шири лажни информации

Обвинувања и демант помеѓу лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и Министерството за здравство во врска со бројот на тестови за коронавирус со кои располага државата.

Мицкоски, во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ, рече дека власта не води сериозна борба против пандемијата, со оглед на инфромациите со кои располага дека Министерството за здравство во моментов не располага со повеќе од 100 теста за опасниот вирус.

„Јас имам информација дека немаат повеќе од 100 теста за коронавирусот на располагање. Ако навистина имаат 350 теста на располагање, тоа е катастрофално“,

Во телевизискиот настап, тој посочи дека до пред неколку дена се тестираа околу 400 лица на ден за коронавирусот, а сега резервите се доведени на минимум и со таа динамика Македонија има тестови само за уште еден ден.

Од Министерството за здравство (МЗ) се огласија со демант.

„Не навлегувајќи во причините за ширењето на такви информации, Министерството за здравство упатува апел да не се шири паника со пласирање на непроверени и лажни информации и уште еднаш истакнува дека тестови за утврдување на присуство на коронавирусот има доволно за да ги задоволат потребите на нашата земја. Во моментот Институтот за јавно здравје располага со 4 500 тестови, со првичната набавка неделно се надополнува количина од по 2 000 теста. Во секој момент очекуваме да стигне донација од 20 000 китови за тестирање и имаме дополнителни 5 000 теста донација од приватна лабораторија во Скопје, кои се сосема доволни за потребите според вкупниот број на население во нашата земја“, велат од МЗ.

Оттаму повторуваат дека според бројот на направени тестирања на еден милион жители, нашата земја е меѓу првите 30-40 држави во светот со над 2 200 тестови на милион жители.

Досега, посочуваат здравствените власти, се извршени вкупно 4 506 тестирања, а со вклучувањето на повеќе лаборатории, бројот на тестирања дневно е помеѓу 350 и 390 и тоа во лабораториите на Институт за јавно здравје, Ветеринарниот факултет, „Биотек“, Клиниката „Жан Митрев“ и „Авицена“.

- Реклама -