Откако министерот Филипче најави дека ќе се разгледа можноста за лекување на пациентите со коронавирус со комбинација од кинин и азитромицин, од денеска лекот „Сумамед“ се повлекува од слободна продажба.
Откако оваа комбинација се појави во неколку од најновите научни студии за коронавирусот, каде се посочува како успешна во лекувањето на болеста Ковид-19, но и беше спомената во неколку наврати на прес-конференциите на Филипче, граѓаните почнале да го купуваат лекот „Сумамед“ (азитромицин) во големи количини.
Поради тоа, Министерството за здравство и Агенцијата за лекови (принудени) одлучиле да одвојат одредена количина од лекот, додека останатата ќе се дава само на рецепт, на сметка на Фондот за здравство.
Со оглед дека се планира оваа комбинација во најбрзо време да почне да се применува и во земјава за лекување на болните од Ковид-19, а сумамед има во доволни количини, Министерството за здравство во моментов набавува кинин. Досега се обезбедени количини доволни за околу 10.000 пациенти.
Инаку, веднаш откако на социјалните мрежи (во светски рамки) се прошири веста дека комбинацијата од азитромицин (антибиотик) и хидрохлорокининот (лек против маларија, ака. антималарик), бројни експерти предупредија дека како и сите други лекови, оваа комбинација не треба да се зема на своја рака, без консултација со медицинско лице.