Нови случаи на коронавирус во земјава

Министерството за здравство информира дека се регистрирани 9 нови случаи на коронавирус во земјата. Со ова бројката на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12.00 часот, изнесува 85.

Според местото на постојано живеење, случаи на КОВИД-19 се регистрирани во 6 градови: Скопје, Дебар, Штип, Кавадарци, Гостивар и Охрид.

Состојбата на хоспитализираните пациенти Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби е непроменета во однос на вчера.

Единствената пациентка која е на респираторна машина е во критична фаза, тројца се со форма на потешка пневмонија но во моментов се стабилни, а останатите пациенти се со полесна клиничка слика. Сите пациенти кои се на домашно лекување се во постојан контакт со лекарите од клиниката.

Од првиот ден навремено и транспарентно ја информираме јавноста за сите случаи поврзани со КОВИД-19 во земјата и така останува и во иднина. Досега ова го правевме два, понекогаш и повеќе пати во денот. Но бројот на заболени е во пораст.

Токму заради тоа, од денеска Министерството за здравство за точната статистика и бројката на заболени лица ќе информира еднаш дневно за состојбата до 12.00 часот, а бројката ќе се однесува на изминатите 24 часа.

Со оглед на локалната трансмисија и обемот на информациите кои ги водат епидемиолозите нема да можеме секогаш да одговориме или информираме за контактите кои заболените ги имале со други лица или колку дополнително луѓе се тестираат како резултат на контакт со секој од новозаболените. Веруваме дека разбирате дека тоа практично повеќе нема да биде возможно.

Прес-конференциите остануваат редовни и минимум еднаш дневно како што беше и досега. Соопштенијата со точни информации и статистики кои ги споделувавме неколку пати дневно ќе се редуцираат на еднаш за состојбата до 12 часот.

- Реклама -