Заразениот д-р Аголи за Плусинфо: Бев на Централното собрание на Алијансата за Албанците, ама со маска!

На состанокот не се поздравив со никого, седев во последниот ред, далеку од другите, изјави Арбен Аголи за Плусинфо.

Бев присутен на Централното собрание на Алијансата за Албанците, но носев заштитна маска и ракавици, изјави за Плусинфо, доктор Арбен Аголи од Дебар, кој во вторникот ја информираше јавноста дека е позитивен на коронавирусот.

– На состанокот не се поздравив со никого. Седев во последниот ред, далеку од другите – рече Аголи.

Алијансата за Албанците одржа Централно собрание минатата среда, а високи членови од партиското раководство за нашиот медиум потврдија дека деновиве биле тестирани повеќе луѓе кои на состанокот седеле во близина на заразениот лекар, но за среќа, додаваат тие, резултатите се негативни.

Инаку, доктор Аголи претходно изјави дека се сомнева оти коронавирусот го префатил на 7 март кога негов колега прегледувал дете чии родители биле со него, а кои биле во контакт со роднини на веќе заразени сопружници од Дебар. Токму тој ден, истакна Аголи, колегата не носел заштитна маска и ракавици.

ОБНОВЕНО:

По објавувањтео на веста, Плусинфо доби фотографии од кои се гледа дека д-р Аголи навистина бил со маска, но истовремено се ракувал и бил во близок контакт со учесниците на состанокот. Се надеваме дека хируршката маска завршила работа и дека никој од присутните на состанокот не е заразен со коронавирусот.

Plusinfo

- Реклама -