Влегуваме во финалето на една многу важна битка за Македонија, ова е битка на вредности и принципи, битка за суштина и една нова генерација која мора да се избори за правдини, слобода и подобра иднина. Сега кога ја гледам оваа енергија тука, која започна пред неколку години како зрак во темнината и која низ времето стануваше се поголема, се погласна, убеден сум и сигурен сум дека сме пред прагот на една голема и убедлива победа, победа на нова генерација во политиката, победа над неправдите и победа на концепт темелен на вредности. Победа, затоа што се што имавме досега се порази. Ова ќе биде најзначајната победа на Македонија бидејќи овој 12-ти април ќе биде крајот и раскрстување со едно темно минато на нашата земја и почетокот на еден нов процес, обнова која треба да донесе повеќе за секого, изјави вечерва Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој додаде:
„ВМРО-ДПМНЕ е таа надеж која ќе ги донесе промените, тој спој на луѓе и вредности кој ќе се спротивстави на оние кои донесоа разочарување, огромна неспособност во секое поле, криминал кој е не казнуван, раслојување и поделби. Две работи се сигурни за власта на Заев: неспособни се и криминални, и затоа Македонија оди во погрешен правец. Запрепастувачка е неспособноста со која се управува државата, неспособност која не турка кон дното, нефункционалност на системот кој крахира, неправди кои болат. Неспособност која фрла во апатија, неспособност во која гледаме како државата ни се одзема од рацете. А, не заборавајте Македонија почива на вредности, почива на пркоста на комитите, на храброста на партизаните и мудроста на асномците. На сите жртви дадени од овој народ за слободата и правдините. Но борбата никогаш не престанува. Секоја генерација има своја битка, исто како и нашата, и ние денес имаме историска улога и одговорност да извојуваме победа која ќе донесе подобри времиња во Македонија.“
-Нашата победа е обновата. Обнова која ќе донесе повеќе за секого, повеќе правда, повеќе вредности, п принципи, работа, повеќе пари, повеќе здравје, повеќе среќа, ред, сигурност и насмевки на лицата на нашите граѓани и верба дека ќе успееме. Македонија не смее да остане извалкана од печалбарите во политиката, туку мора да ја изградиме за да остане дом за идните генерации. Од политиката денес за жал граѓаните ја видоа само темната страна, со сите нејзини подлости, недостатоци, жолчност и иритирачка реалност. Но политиката пред се мора да биде доблест, прагма која решава проблеми, гради мостови, и создава иднина. Политика базирана на морален кодекс кој ќе биде примерот по кој мора да се раководи секој еден кој сака да работи за Македонија. И само така ќе одиме вистински напред. А, јас само така ја разбирам својата улога во политиката, потенцираше Мицкоски и подвлече:
„А, кога ќе ги слушнам понудите што ги дава другата страна, како да се враќаме во една временска машина пред 4 години, кога ги ветуваа истите работи, истите фрази, истите сега веќе докажани лаги. Овој пат онаа лага за просечна плата од 500-тини евра се вика 600 евра просечна плата, измислиле некоја нова бројка на километри автопатишта кои ќе ги градат, далеку поголема од претходната при што во реалноста не изградија ниту еден автопат, ќе носеле инвестиции, градби, па дури и во заканите се исти како пред 4 години. Ќе рушеле одново сега споменици, ќе имало правда, ќе имало мир, ќе менувале судии и што уште не. Но морам да кажам, да порачам дека тие се завршена приказна. Нашиот народ знае дека еднаш ако го излажеш, нема да чека тоа да се случи втор пат. Народот знае дека по ветените брда и долини на Заев следуваат уште поголеми разочарувања. Криминал, корупција, неспособност, убијци кои што се шетаат на слобода, судии и политичари со куферчиња Луј Витон, непотизам распространет како вирус. Ако Заев е лицето на оваа власт, вистинскиот репрезент на тоа што преставува Заев е Катица Јанева со се она што видовме.“
Според Мицкоски народот нема да им даде втора шанса, зошто народот препознава кога го лажеш, кога си играш со неговите чувства, кога градиш кариера врз туѓата несреќа.
„Кога стануваш премиер, а знаеш дека не ти е заслужено со тоа што можеш да направиш, туку со тоа што можеш да продадеш. Еве денес кажувам и официјално, експериментот Заев заврши како неуспешен и сите сфатија дека може подобро, може и мора многу подобро од ова денеска тешко, мачно, пеколно секојдневие. Експериментот Заев заврши, но Македонија мора да продолжи. Секој овде, но и тој што не слуша и гледа пред екраните треба да знае дека овие избори се избори за тебе или за Заев. Избори за повеќе за секого или повеќе за Заев. Избори повеќе за Македонија или повеќе за Заев. Иако е важна одлуката, изборот е лесен, полесен од тоа што навидум ви се чини. Од другата страна имаме исти ликови, без промена. И СДСМ треба да се казни освен поради сите скандали досега, токму и поради таквата понуда на трговски листи кои се производ на трговија, поткупи и меѓусебни дилови. Тоа се листи за пораз и меѓусебно покривање. Мислат така имунитетот ќе ги штити ако станат пратеници, а треба да се свесни дека ако згрешиле спрема законот нема сила што ќе ги спаси.“
Мицкоски потенцира дека измислицата и најновото комично крешендо на Заев беше она посипување со пепел пред промоцијата на листите кога кажа ќе имале тандеми носители.
„Тоа е апсурд, кога по закон има само еден носител, ама ваму е очигледно дека сакаат срамот на носителот да се покрива со уште еден од тандемот. На пример предавствата на Димитров да ги покрива Мила, за да не биде само овој предмет на напад, а промашувањата и неостварените ветувања на Мила да ги покрива Димитров. Или корупцијата на Радмила да ја покрива извесен Јован од Струга кој после три ипол години не успеал да излобира кај неговата влада барем еден проект кој ќе биде корисен за граѓаните. А, за тандемот на транзицијата Заев – Шекеринска не треба посебен коментар. Им недостасува од дуо да станат трио, Катица им недостасува. Практично најдобрата слика за листите ја даваат Рамчиловиќ, Панчо. Вредностите на овие луѓе се вредности на целите листи на СДСМ. Има такви кои ми викаат ни одговара што ги ставиле овие луѓе, утре ќе свртат накај нас, но јас не можам со тоа да се сложам. Вредностите мора да се чуваат и ние стоиме зад тоа што го промовираме, а не поради политички комодитет да прифаќаме компромиси со вредностите. И треба секој да знае компромис со ветеното, со вредностите околу кој се обединуваме нема да правам, ниту досега, ниту од сега.“
-И во таа смисла би рекол добар потег за Беса што отиде со СДСМ, и едните и другите бркаат гласови и сакаат да се покријат, но фактот што БЕСА ќе освои 3-4 пратеника мене ме охрабрува за после изборите. И тука морам да искоментирам една теза која сакаат да ја рашират меѓу народот, а тоа е да претстават дека многу се окрупниле, но треба да знаат дека на 12-ти ќе им се случи народ, и топтан ќе ги поразиме, ви велам топтан, сите заедно и нема групирањето од лукративни побуди да ги спаси. Народот е незадоволен и не само пријателски да му подадеме рака туку пријателски да ја стегнеме раката на сите луѓе кои очекуваат подобро и да ги увериме дека ние сме тие кои што се вистинската алтернатива, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и дополни:
„ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ќе оди со својата понуда, со многу нови луѓе и нова генерација која ќе донесе промени кон подобро. ВМРО-ДПМНЕ за само неколку години освен тоа што ја научи лекцијата од минатото, сега велиме дека ќе донесеме обнова и тоа со многу нови луѓе. Ова не е битка само на ВМРО-ДПМНЕ против власта, туку на целиот народ против Заев и оние во раководството на СДСМ. И затоа за првпат досега имаме дури два надпартиски носители на пратеничките листи. Професорката Гордана Силјановска Давкова и светскиот маестро Игор Дурловски се луѓе со кредибилитет, чест и образ. Овие луѓе се признати во светот и во своите животи имаат се што би можеле да посакаат успешни професионалци се, но ја немаат слободата и ја имаат загриженоста дека вака повеќе не може. За нив не е проблем да живеат во било кој дел од светот ама пустото каменот тежи највеќе дома и се решија да се борат против неправдите, против неспособноста и против газењето на тие вредности. И кога го гледам нивниот мотив сфаќам колку погрешно се движат работите во земјата и колку мора побрзо да се променат. Дафина Стојановска и Владо Мисајловски се луѓе со кредибилитет, угледни во својата средина, луѓе работници, со чест и углед и знам дека најдобро ќе ја шират нашата мисла и визија. А, Игор Јанушев и Александар Николоски се луѓе кои знаат во каква битка влегуваат, одлучни и искрени и нивната победа ќе значи победа над неправдите, но отпочнување на битка за европеизација на нашата татковина Македонија.“
Мицкоски се обрати и до присутните во салата:
„Сите вие што сте зад мене и што заедно ќе настапиме на овие избори најдобро знаете какви критериуми барам и колку е важно да го почитувате моралниот кодекс за кој зборувам на сите мои настапи. Внимавајте утре ќе треба да се води земјата и прекршувањето на тие правила ќе значи изневерување на мојата и довербата од народот која не смее да се злоупотреби поради неодговорност на поединци и знаете дека ниту јас, ниту пак народот тоа ќе го толерира. Бидете гласот на народот, разумот и промените кои и се потребни на нашата земја. И немојте никогаш да заборавите дека секогаш и без исклучок на прво место е народот, татковината, интересот на народот и татковината. Носителите и пратениците ќе бидат дел од Парламентот, таму каде што добиле доверба од народот. Ние не ставаме луѓе кои после ќе избегаат во извршната власт. Тоа не е наш концепт.“
-И свесен сум дека многумина ми викаа да одам во разни изборни единици како носител, а ќе кажам и зошто не отидов. Затоа што верувам дека со листите се предлагаат пратеници, имиња и презимиња со кредибилитет кои местото им е во парламентот, а не луѓе кои ќе продефилираат и ќе го бараат гласот од граѓаните и после ќе отидат во влада. Јас со моето име стојам зад сите 120 кандидати за пратеници и не се кријам и овој предизвик го прифаќам и убеден сум во една голема, историски најголема победа. Затоа и Заев избега од идејата за кандидат за мандатар, човекот се плаши и бега. Знае дека и во најпесимистичките сценарија анализирани на Бихакќа ВМРО-ДПМНЕ убедливо победува. Ете тоа е вистината зошто Заев не одговара на тоа што ќе прави кога СДСМ ќе загуби на изборите. Зошто ќе гледа да се спасува како пратеник и ќе го окупира лидерското место во СДСМ. Но, тоа е негова работа и јас во тоа нема да се мешам. Мене ми е целта да ја поразиме неспособноста и да ја вратиме државата на вистинска патека, порача Мицкоски и посочи:
„И не ги прифаќајте оние лаги и плашења од СДСМ во стилот знаеме дека СДСМ не чини ама со ВМРО-ДПМНЕ државата влегувала во опасност. И ова го викаат зошто Заев е во опасност поради криминалите кои ги прави и неспособноста што се гледа од месечината. И знае дека поразот за него на овие избори ќе значи „давај друго дете” во СДСМ и одговорност пред законите. Од тоа нема да избега никој.“
-Ако до пред 3 месеци убедуваше дека ќе победел на изборите, сега на партиските состаноци ги лаже дека ќе изгуби СДСМ, ама малку, тесно, за два до три пратеника, а он ќе формирал влада. Значи почнаа со тесна победа да завршат сега пак со тесен пораз. Не би го употребил она неговото знаете познатото „мало сутра“, ама неодминливо ќе искоментирам господине Зоран Заев грешна ви е проценката. ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, а ова не е филмот кој што го гледавте еднашка во 2016-та година. ВМРО-ДПМНЕ ќе направи влада. И за бадијала се храбрите дека некој од надвор бил на ваша страна, вистината е дека нашите пријатели, меѓународната заедница не сакаат пактови со криминалци и неспособни луѓе, а нив најмногу ги интересира европската иднина за што ВМРО-ДПМНЕ го има решението. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги направи сите потребни реформи со кој по изборите ќе ја внесе државата на брза трака кон Европската Унија, бидејќи 4 години оваа власт не држи во место. Европската Унија е сон кој ќе го оствари ВМРО-ДПМНЕ затоа што ако од нешто не се плашиме тоа е работата која секогаш била наша одлика. Исто како што ќе донесеме обнова од зголемување на просечна плата во државата за цели 25% за еден мандат, зголемување на просечната пензија на пензионерите за +20% во еден мандат или тоа ќе значи повеќе од 3.000 денари повеќе за секој еден пензионер. Невработеност под 10%, 0% персонален данок за младите до 29 години, порача Мицкоски и продолжи:
„Се обврзуваме на рамен данок од 8%. Се обврзуваме за обнова која ќе донесе раст на БДП за повеќе од 4% годишно. Две милијарди евра инвестиции во патишта. 150 километри експресни патишта, енергетска обнова на домовите на граѓаните и гасификација на целата држава со бесплатни приклучоци за гас за секое домаќинство. Изградба на нови 20 и реконструкција на повеќе од 50 училишта. Поголеми примања за Универзитескиот кадар, повеќе бесплатни лекови за ранливите групи. 4 нови клинички центри и редица други проекти кои што се дел од Проектот наречен „Обнова на Македонија“. И го поставуваат прашањето од каде пари. Едноставно е, нема да сме како нив. Ние нема да бидеме дел од Влада која што ќе краде. Туку ќе бидеме дел од Влада која што има стратегија, методологија, визија, ќе работиме чесно и честито. И парите таму ќе ги најдеме за сето ова кое што го ветуваме. Успехот е резултат на правилен избор на повеќе одлуки и подразбира многу работа и решавање на многу предизвици. Успехот значи воведување новитети кои имаат додадена вредност и постојан напор за создавање на повеќе и подобро. Потребни се знаења и вештини ентузијазам и енергија и добра стратегија, тактика, план и оператива. Дијалог, трансфер на вредности, соработка и почит. Успесите се достижни! И најбитно, за успех е потребна идеја, инспирација, здрава основа, добра мисла и добра намера.“
Мицкоски посочи дека во овие моменти ВМРО-ДПМНЕ води убедливо.
„Но ова ќе биде тешка и голема битка. Не смее самоувереноста во победа да не удри во глава. Ниту пак славата. Секој глас за ВМРО-ДПМНЕ е важен. Секој човек за ВМРО-ДПМНЕ е важен. Сакаме да докажеме дека сме помудри за грешките од минатото, и не само тоа туку дека целосно го имаме обновено нашиот круг и нашите вредности. И ќе биде подобро, затоа јас ве уверувам. Многумина не ме познаваат добро и сигурно имаат дилеми. Но знам дека Заев го знаете многу добро, а јас не сум таков. И фала на Бога што не сме исти, а таа разликата која на Македонија ќе и донесе надеж и обнова. Ја ве уверувам дека ќе биде подобро. Имаме и сила и знаење и мора да го дадеме максимумот. Мора да биде ова победа со огромна разлика. Да го убедиме народот во нашиот потенцијал и во нашиот капацитет. Знаете, постојат моменти во кои едноставно мораш да се исправиш! Без разлика на се, без оглед на предизвиците и ризиците. Животот со свиткана кичма не е живот. Животот е создаден за да ние го живееме слободно. А, човекот пак е создаден да живее живот како слободно битие. Да биде исправен е природна положба на човекот. Понижувањата кои ни се наметнати не носат ништо добро. Ние заслужуваме достоинство!“
-А, животот без правда е неправда. Неправдата го разјадува ткивото, ги руши системите, го ослабува редот и поредокот. Македонците се борат за своите правдини! Правдата е во нашиот ген. И правдата е можна и остварлива, таа е на дофат. Луѓето на Македонија се добри луѓе, домаќини, еснафи, вредни и достоинствени. Колку повеќе удари примаме, толку стануваме посилни. Секој понекогаш паѓа, но борбата е после ударот да станеш, да се исправиш. Искушенијата се дел од природното право, дел се и од Божјото. Исто и предизвиците. Ние сме свесни за тоа, и не бегаме од нив, ние смело им приоѓаме бидејќи сме сигурни во својата сила, во својот карактер, бидејќи знаеме како предизвиците да ги надминеме, и знаеме како да победуваме! Неуспехот за нас не е опција. Оваа генерација Македонци од сите вери и нации е горд наследник на илинденската и асномската епопеја, подвлече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и порача:
„Ние знаеме што е жртва, дека таа нема степен, и дека завршува со чест и со име! Битката за македонскиот ген е битка која што никогаш не завршува. Ние сме свесни за наметнатата реалност која воопшто не е пријатна, но исто така сме свесни дека нашата генерација ја доби важната историска улога да биде чувар на македонскиот оган. За огнот да гори, за идејата да живее, за Македонија да се зборува. За Македонија да се зборува гласно. Ние знаеме дека треба да ја пренесеме идејата за Македонија на нашите ќерки и синови, исто како што нашите родители, татковци и мајки на нас ни ја пренесоа. Македонија е бесконечност, линија со подеми а некогаш и со падови, но на крај секогаш завршува со победи. И сега повторно мириса на победа!“
-Луѓето на Македонија знаат како се сака и како се бори, како се создава но и како се твори. Луѓето на Македонија заслужуваат повеќе. Повеќе правда, повеќе работа, повеќе среќа, и повеќе успеси. Децата на Македонија заслужуваат повеќе шанси и повеќе можности, повеќе образование, повеќе екологија, повеќе вработувања, повеќе Македонија. Повеќе за секого е нашето мото. Повеќе убави работи. Повеќе насмевки, повеќе прегратки, повеќе другарство, повеќе почит, повеќе подобри моменти, за секого, буквално за секого повеќе. Македонија заслужува обнова. Обнова на системот на вредности, обнова во секоја сфера од нашето општество, обнова во секој град и село, обнова која носи убави нешта за работниците, земјоделците, стопанствениците, пензионерите, невработените, младите и старите, мажите и жените, сите оние кои денес заедно со нас на нозе се креваат, креваат глава гордо и високо, и се исправаат!, потенцираше Мицкоски и додаде:
„Се исправаат за да ги исправат сите неправди, и да донесат нови победи! Ние се обврзуваме на ОБНОВА, ОБНОВА КОЈА НОСИ ПОВЕЌЕ ЗА СЕКОГО! Ние тоа го ветуваме и тоа ветување имаме намера да го исполниме. Бидејќи не сме од денес за утре, бидејќи сакам утре пак да можам слободно, со крената глава и исправена кичма, да ве погледнам во очи и да ви кажам – ДА, ОБНОВАТА ПОБЕДИ! Нашата победа е заедничка победа. Нашата битка е и ваша битка. Македонија е нашата вредност. Нашата кауза, и нашата гордост. Да живее Република Македонија! Да живее ВМРО-ДПМНЕ! Да живее Коалицијата „За обнова на Македонија“!“