Бев противник и јавно зборував против режимот. Стојам зад секој искажан збор во минатото против бившата режимска власт и не би го менувал ниту денес. Но да, велам дека никогаш не сум бил против партијата ВМРО-ДПМНЕ, туку напротив сметам дека во партијата има професионалци и принципиелни луѓе кои можат да придонесат за доброто на државата.
Истото важи и за критиките кои ги упатив кон СДСМ и стојам на ставот дека Зоран Заев не направи ништо за државата, изјави за А1он кандидатот за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Сафет Бишевац, одговарајќи на прашањето, како се најде на листата на опозициската партија која до скоро ја нарекуваше режимска.
За серијата прозивки во одредени портали дека барал да биде на листата на СДСМ и откако бил одбиен, преминал во ВМРО-ДПМНЕ, Бишевац вели дека тоа се дезинформации. Појаснува дека, дека летово добил понуда за соработка од генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски, но не нашле заеднички јазик и тука завршиле преговорите.
„Не е точно дека нешто сум барал во СДСМ. Напротив средба имаше на барање на генералниот секретар Љупчо Николовски, кој ми понуди место во Центарот за комуникации. Штом тие сметале дека мојот капацитет е за таму, а јас сум одбил, јасно ви е како завршиле преговорите. Истата понудата ја добив и од претходниот генерален секретар Кирацовски, но пак ќе кажам штом не сум таму, не сме нашле заеднички јазик.
Во ВМРО-ДПМНЕ добив принципелна понуда и јас прифатив. Тие поверувале во мојот капацитет, принципи и чесност и затоа се ставив на располагање да придонесам за заедничката обнова на Македонија “, објаснува Бишевац.
Тој вели дека очекува валкана кампања, која според него се навестува по обвинувањата на негова сметка. Како неточна ја отфрли и информацијата дека за да биде дел од СДСМ, барал директорско место во МТВ и бил одбиен.
„Ова ќе биде валкана игра, се гледа од самиот почеток. Не можам да сфатам зошто вакви напади на моја сметка и тоа од луѓе со кои до вчера сме биле на иста страна. Ако тие се подготвени со лаги да го бранат својот неуспех, што е виновен Бишевац тука“, додава тој.
Бишевац рече дека никогаш не бил член на СДСМ, а во 2011 година бил на листата на СДСМ, но во Парламентот делувал како независен пратеник.