Студен туш за Тачи: Јамајка демантира дека го признала Косово

Министерката за надворешни работи на Јамајка, на својот Твитер профил, го демантираше косовскиот претседател Хашим Тачи, откако тој се пофали дека Јамајка ја признала независноста на Косово, пренесува српската „РТС“.

Во четвртокот, на Твитер, Тачи напиша дека од амбасадорката Вљора Читаку бил известен дека Јамајка го признала Косово.

„Одлични вести. Нашата амбасадорка Вљора Читаку само што ме извести дека Јамајка ја препознава Република Косово како суверена и независна. Знам дека ова е резултат на напорната работа и лобирањето во текот на неколку години, вклучително и на напорите на американскиот конгресмен Елиот Енџел. Одлично завршена работа. Ви благодарам, драги пријатели од Кингстон“, напиша Тачи.

И премиерот на Косово – Аљбин Кypти, изрази јавна благодарност до владата и народот на Јамајка за признавањето на независноста на Косово.

„Сакам да им заблагодарам на народот и владата на Јамајка, како и на премиерот Ендрју Холнес. Се радувам на соработката и искажувам благодарноста на Косово во сите идни соработки“, напиша Кypти на Твитер.

По честитките и благодарностите, сепак, следуваше студен туш. Јамајканската министерка за надворешни работи – Камина Џонсон Смит, цитирајќи го твитот на Тачи, порача кратко и без многу обиколување:

„До овој момент, Јамајка го нема признаено Косово како независна држава“.

 

- Реклама -