По покана на српскиот колега Александар Вулин, министерот за одбрана на Руската Федерација – Сергеј Шојгу, денеска пристигна во Србија.
Ова е нивна деветта средба откако Вулин беше назначен за спрски министер за одбрана, а прва посета на Шојгу на странска земја откако повторно беше назначен на таа позиција, пренесува српски „Спутник“.
Шојгу беше пречекан со највисоки почести уште пред да стапне на српско тло. „Спектакуларен дочек на небото“, пишува порталот.
Имено, уште при влегувањето во воздушниот простор на Србија, авионот на Шојгу го пречекаа три борбени авиони MiG 29 RViPVO (од руско производство, секако) на српските вооружени сили, кои го придружуваа сѐ до слетувањето на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград.
На копно, пак, Шојгу доби почесен докторат од Универзитетот за одбрана, на тема „Важно е историјата да не се фалcификува“.
Попладнево, тој е гостин на работен ручек кај претседателот на Србија – Александар Вучиќ. Претходно, со Вулин положија венци на споменикот на ослободителите на Белград и споменикот на Црвената Армија, а потоа ја поставија и капсулата во спомен плочата на „Вечен оган“.