Обезбедено 2/3-тинско мнозинство за законот за Јавно обвинителство

Владата успеа да обезбеди мнозинство за во Собранието да се изгласа законот за Јавно обвинителство со 80 пратеници. За вечерва е закажана и седница, на која ќе треба да се разгледува законот. Неизвесно е дали ќе присуствуваат техничките министри на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев и Рашела Мизрахи.

Според извор на „А1он“, за законот ќе гласаат и пратениците од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Владеачкото мнозинство ги прифатило барањата на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, потврдуваат извори за „А1он“. Меѓу барањата, било шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција да биде избран со гласање на сите обвинители, јавното обвинителство да не може да покренува нови обвиненија врз основа на прислушкуваните материјали, имплементирање на забелешките од експертите кои се однесуваат на преземање на предметите од СЈО во ОЈО. Владата прифатила и предлози од независните кои се однесуваат на уништување на незаконски присклушкуваните разговори, како и покренување на дисциплинска постапка со цел да не биде злоупотребена обвинителската функција.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, посочи дека од ВМРО-ДПМНЕ кренале раце и не очекуваат нивна поддршка за Законот за јавно обвинителство.

Последно, опозицијата одби да учествува во преговорите за новото законско решение за ЈО и побара експерти да го пишуваат законот.

Власта очекува законот да биде усвоен во Собранието до 12 февруари за кога е најавено распуштање на актуелниот пратенички сотав и распишување на предвремените парламентрани избори на 12 април.

- Реклама -