Од „Северна Македонија е најпребарувана земја во светот поради Медена Земја“ до „Северна Македонија е најпребарувана локација околу Оскарите“ варираа насловите на информацијата која денеска ги израдува Македонците, а беше пренесена од речиси сите медиуми. Иако е прекрасно светот да се интересира за нас и „Медена земја“ несомнено има своја заслуга за тоа, за жал, информацијата беше пренесена сосема погрешно. Во реалноста, се случува нешто сосема друго.
Не е Северна Македонија најгугланата земја поврзана со Оскарите, туку во Македонија, во последнава недела, во периодот од 31 јануари до 7 февруари, најмногу се пребарувало за Оскарите, објави на својот Твитер профил Google Trends, кој ги следи пребарувачките трендови.
„Северна Македонија, домот на номинираниот за Оскари филм Honeyland, е топ местото на планетата кое пребарува за наградите во моментов“, гласеше и сѐ уште гласи твитот на Google Trends:
North Macedonia, home to #Oscars nominated movie #Honeyland, is the top place on earth searching for the awards right now.
Get more data here: https://t.co/AhkVG7YqNf pic.twitter.com/pl4XhVpGZ0
— GoogleTrends (@GoogleTrends) February 6, 2020
И на табелата по региони, каде Македонија е на прво место од вкупно рангираните 68, повторно јасно пишува дека се работи за топ земјите кои најмногу пребарувале за Оскарите изминатата недела.
Сепак, „Медена земја“ има со што навистина да се пофали денеска. IMDB – најголемата веб филмска датабаза во светот, објави видео во кое двајца нивни експерти-водители препорачуваат „Кои филмови задолжително да ги гледате пред Оскарите“ (ако не можете сите). Додека први избори на водителите беа јужнокорејскиот „Parasite“ и „1917“, втората препорака на водителката беше токму „Honeyland“. Се работи за документарец кој не се пропушта и се одвива како нарација, а ќе ве држи на работ од седиштето. Дополнителна причина е што е номиниран во две категории, што досега не се случило со ниту еден документарен филм во историјата на Оскарите. Оттаму, „Медена земја“ е и историски, и затоа мора да се гледа, препорачуваат водителите (ЛИНК).
Инаку, што се однесува до другите статистики на Google Trends, најпребарувани за категоријата Најдобар филм се „Parasite“ и „1917“. Најгуглана за Најдобра актерка е убедливо Скарлет Јохансон, а за Најдобар актер е Леонардо Ди Каприо во неизвесна борба со Хоакин Феникс, додека веднаш во вpaт им дишe Адам Драјвер.
Во САД, најгуглани се прашањата: „Кога се Оскарите?“, „За што доби Оскар Коби Брајант?“, „Дали некој по име Оскар има добиено Оскар?“, „Кој е водител на Оскарите 2020?“ и „Кој има добиено најмногу Оскари?“.
Исто така на ниво на САД, најмногу се пребарувало „Колку Оскари има Леонардо Ди Каприо?“, потоа „Колку Оскари има Мерил Стрип?“, потоа Том Хенкс, Ал Пачино и Дензел Вошингтон.