Aктивисти и граѓани од Движењето за чист воздух ѝ доделија пехар на Цементарница Усје во Скопје за „Трујач на годината“ и го блокираа влезот на компанијата со црвена лента.
Тие бараат целосна забрана за каков било отпад додека не се усвојат функционални контролни механизми и директиви, поголема вклученост на граѓанскиот сектор во инспекциските надзори, како и акредитирање на лабораториите на Министерството за животна средина и Хемискиот факултет.
„Протестот не е конкретно насочен кон Цементарница Усје, туку кон корупцијата во Македонија. Нас нè труе корупцијата, поврзаноста на политичарите, оние кои се на битни функции со ваквите индустрии кои се во централните градски подрачја кои нè трујат и нè лажат дека тие не се причинители за загаденоста, туку сме ние граѓаните. Ние сме иритирирани најмногу од политиката“, изјави активистот Марјан Ненов за Радио МОФ.
Тој посочи дека уште пред една недела информациите кои ги имале ги доставиле до раководството на компанијата, но одговор од компанијата немало. Сепак, нагласи дека од компанијата подоцна ги поканиле на средба и дека ќе ги посетат.
На блокадата се обрати и Драги Змијанац од првата детска амбасада „Меѓаши“. Тој потенцираше дека правото на живот на детето е доведено во опасност.
„Сега ќе ја искористам оваа пригода, по не знам кој пат сме ја повторувале како политичарите, да ги потсетам дека децата имаат право на чист воздух, и право на здрава животна средина. Аерозагадувањето е една од главните фактори за смртноста на децата. Алергии, астма, бронхит и низа други респираторни болести, ова се само дел од последиците кои децата директно ги трпат како енормно загадување на воздухот. Загадувањето на воздухот е една од главните фактори за смртноста кај децата. Со загадувањето на децата им се нарушува елементарното право на живот“, изјави Змијанац.
Генералниот директор на фабриката „Усје“, Борис Хрисафов тврди дека Цементарницата „Усје“ не е причинител за загаденоста на воздухот во Скопје, а за време на неговата изјава постојано беше прекинуван од револтираните граѓани.
„Многу ми е драго дека постои организација која се грижи за чистиот воздух во РМ. Драго ми е што сите вие сте се собрале овде да се борите за едно единствено нешто кое и ние го сакаме и нешто за кое исто така и ние се бориме и се трудиме да бидеме најдобри што можеме“, рече Хрисафов.
Хрисафов додаде дека „Усје“ е првата компанија во Скопје која има А интегрирана дозвола.
„Ние сме компанија која практично го помина целиот тој пат и потроши повеќе од 70 милиони евра за да успее да ја добие таа А интегрирана дозвола. Компанија која редовно ги следи емисиите“, посочи Хрисафов.
Од Движењето нагласија дека ова не е единствен протест и дека ќе продолжат блокадите на индустриите.
Радио МОФ