Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата и го утврди текстот на Гранскиот колективен договор на opгани на државната управа, на стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, на судовите, јавни обвинителства, казнено – поправни и воспитно – поправни установи, на државното правобранителство, на единиците на локалната самоуправа, агенции, фондови и центри за социјални работи и други opгани основани од Собранието на Република Северна Македонија. Притоа, го овласти министерот за информатичко општество и администрација – Дамјан Манчевски, да го потпише Гранскиот колективен договор со репрезентативниот синдикат УПОЗ, информираа од Владата по завршувањето на денешната редовна владина седница.
„Ова ќе биде прв Грански колективен договор за административните службеници и правосудните opгани после 1995 година, со кој администрацијата се стекнува со право на К-15, дневници за трошоците за превоз и трошоците за ноќевање за службени патувања во земјата на кои до сега немаа право, се утврдува право на денови на платено отсуство заради лични и семејни околности и тоа до седум работни дена во годината, правото на неплатено отсуство, како и други права на работниците и обврски на работодавачите“, се вели во соопштението.