Министерот за внатрешни работи во техничката влада, Наќе Чулев, почнал процедура за преземање на Синиша Алексовски, контроверзниот екс советник на претседателот Ѓорге Иванов, од Агенцијата за разузнавање (АР) во МВР. Трансферот засега не е реализиран зашто заглавил во правните процедури предвидени за преодната влада, пишува 360 степени.
Барањето за Алексовски е дел од втор бран преземања од Агенцијата за разузнавање што ги иницира министерот Чулев откако веќе завршил трансферот на петмина вработени од АР во МВР. Во втората тура, Чулев, кој инаку беше директор на АР именуван од Ѓорге Иванов, покрај на Алексовски, бара преземање на уште тројца вработени од Агенцијата за разузнавање.
Името на Синиша Алексовски беше споменато од српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ во контекст на крвавите настави во Собранието на 27 април 2017 година. Живаљевиќ изјави дека бил присутен во парламентот на 27 април со дозвола од кабинетот на Иванов, поточно од советникот за безбедност на претседателот, Синиша Алексовски.