Ова не е крај, туку почеток: Објавен е дел од историскиот говор на Џонсон со кој Велика Бритаија вечерва ќе се збогува со ЕУ
Излегувањето на Велика Британија од Европската унија денес по полноќ значи „промена“ и „зора на една нова ера“, оцени британскиот премиер Борис Џонсон кој сака да ја обедини земјата после три и пол години поделби поради Брегзит.
„Ова не е крај, туку почеток“, ќе изјави конзервативниот челник во своето обраќање вечерва во 23:00 часот по средноевропско време, еден час пред Велика Британија и официјално да ја напушти Европската унија и да стане првата земја во историјата која го направила тоа.
„Ова е момент кога доаѓа зора и се подига завесата пред новиот чин. Ова е момент на вистинска национална обнова и промени“, ќе порача британскиот премиер Борис Џонсон за време на обраќањето до нацијата.
Борис Џонсон сака да ги остави зад себе поделбите кои ги „скараа“ Британците по референдумот во 2016-та година на кој 52% од граѓаните на Велика Британија гласаа за земјата да ја напушти Европската унија.
„Нашата работа во владата, мојата работа е – да ја обединиме земјата и да ја поведеме напред“, стои во говорот на Џонсон кој го објавија британските медиуми.
Премиерот денес во Сандерленд ќе го прослави „Брегзит“ на министерска седница со која ќе претседава. Во тој град на североистокот на Англија каде на референдумот во 2016-та година 61% од граѓаните гласаа за „Брегзит“, се наоѓа најголемата фабрика за автомобили на јапонскиот производител „Нисан“ во Европа.
Токму иднината на таа фабрика ќе беше неизвесна во случај на „тврд Брегзит“ кој беше спречен благодарение на договорот кој го постигнаа Лондон и Брисел.