Атиџе Муратова – главната хероина зад двете номинации за Оскар на документарниот филм „Медена земја“, која во низата интервјуа не крие дека отсекогаш сакала да биде пејачка, ќе добие можност своите две песни да ги испее и сними во професионално музичко студио. Истите, притоа, ќе добијат и професионален музички аранжман, вети градоначалникот на Општина Лозово – Ацо Велковски, кој денеска, заедно со вработени од општината, се сретна со последната одгледувачка на диви пчели во Европа.
Во низата интервјуа, Атиџе не крие дека пеењето отсекогаш ѝ било најголема љубов (покрај пчелите), а ни дека самата „пишува“ и „компонира“, односно создава свои песни, напамет. Во разговор со „А1он“, Атиџе открива дека планира да запее дури и на доделувањето на Оскарите, бидејќи, како што вели, чувствува во воздухот дека „Медена земја“ нема да замине без статуетка. Песната што ја подготвува можете да ја слушнете ТУКА.
Покрај тоа што ќе ѝ го оствари сонот околу музиката, барем делумно, градоначалникот на Лозово вети уште неколку важни нешта што ќе ѝ го променат животот на Атиџе – нов покрив на куќата и вработување во Општината.
„Среќна, насмеана и радосна е од веста што општина Лозово и јас како Градоначалник дадовме ветување дека ќе се погрижиме за куќата на Атиџе да добие нов кров.
По завршување на турнеите и земањето на🏆🏆 оскарите , Атиџе ќе биде работно ангажирана во општина Лозово“, напиша Велковски на Фејсбук, споделувајќи фотографии од средбата.