Лидерот на „Левица“, Димитар Апасиев во интервју за Економски Лидер вели дека на изборите на 12-ти април очекуваат да освојат четири до пет пратенички места, и со постојниот изборен модел, за кој вели дека е скроен да им одговара само на поголемите партии.
„Искрено се надевам целиот президиум да влезе или пратеничка група од пет пратеника. Значи носителите на листи од „единица“ до „петка“ се надевам дека имаат реални шанси да влезат во парламентот, бидејќи статистички за таа излезност ви требаат околу осум илјади гласови“, вели Апасиев.
Апасиев очекува дека дека владејачката СДСМ на овие избори ќе доживее вистински дебакл, па дури и предвидува дека власта ќе ја доживее судбината на партијата ПАСОК, која речиси исчезна од политичката сцена во Грција.
Апасиев смета дека беше чист политички блеф на СДСМ дека сака на неколку месеци пред избори да се промени изборниот модел.
„СДСМ не сака да го промени моделот. Да сакаа, ќе го променеа досега. Дури и по препораки на Венецијанска комисија вам ви е забрането неколку месеци пред избори да го менувате изборното законодавство. Промена не сакаат ниту ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ – нагласува Апасиев.