„Медена земја“ (Honeyland) на Тамара Котевска и Љубо Стефанов e пресвртница во Оскарите за 2020-та, пишува угледниот „IndieWire“, кој уште пред номинациите го прогласи македонскиот документарец за документарно ремек-дело на оскаровската сезона. Со двете номинации, пак, за Најдобар документарец и Најдобар странски филм, Honeyland – приказна за последните номадски пчелари во Македонија, се впиша во Оскаровската историја како прв нефиктивен филм номиниран во две категории во иста година.
Двојната номинација за „Медена земја“ е импресивен подвиг, но изненадувачкиот и историскиот аспект околу неа е важен потсетник дека документарците често се омaлoважени на Оскарите со тоа што се ограничуваат да се тркаат само во категоријата за Најдобар документарец, пишува магазинот, истакнувајќи дека во 92-годишната историја на Оскарите ниту еден документарен филм никогаш не бил номиниран во најпрестижната категорија Најдобар филм.
А зошто да не?, прашува „IndieWire“, образложувајќи: Ако Академијата го гледа Honeyland како еден од најдобрите пет документарци и еден од најдобрите пет странски филмови на годината, зарем филмот не би требало да има сериозни шанси и во трката за Најдобар филм? Со тоа што нефиктивните филмови ги препознава единствено во категоријата за Најдобар документарец, Академијата само го продолжува и зацврстува верувањето дека наративните филмови се супериорни во однос на документарните филмови во однос на уметноста во нивното создавање и продукцијата, констатира магазинот.
И Котевска и Стефанов вчера, преку соопштение објавено на официјалната Фејсбук страна на Honeyland, го посочија овој аспект на двојната номинација, изразувајќи надеж дека во иднина тeлaта што ги доделуваат наградите ќе се фокусираат повеќе на квалитетното раскажување на приказна, отколку на режисерските стилови.
„Пред повеќе од 4 години почнавме авантура наречена ‘Медена земја’, инспирирана од едноставните мудри зборови што со нас ги сподели Атиџе – исклучителна жена која ни ги промени животите: ‘Земи пола, остави пола’. Не можевме ни да замислиме колку далеку ќе стигне оваа порака. Немаше показатели дека нашиот филм ќе создаде историја – историја на нашата земја, историја на номинациите за Оскар. Но, најважно од сѐ за нас режисерите е што официјално ги избришавме границите меѓу документарната и наративната кинематографија. Овие две номинации се јасна порака до сите идни режисери – добро раскажана приказна е добро раскажана приказна… Како режисери, се надеваме дека ќе продолжиме да испишуваме историја и ќе продолжиме да го сработуваме нашиот дел кон создавањето на подобар свет“, велат Котевска и Стефанов.
Honeyland е историски момент за Оскарите, и тоа момент што докажува дека колку повеќе Академијата ги спојува документарниот и фиктивниот наратив во сите категории на „Оскарите“, толку подобро ќе направи за раскажувачите од целиот свет, заклучува „IndieWire“.