Христос се роди! Православните вepници го слават најсветлиот ден во христијанството – Божик

Денеска е Рождество Христово – Божик, вториот по големина и важност меѓу дванаесетте големи празници во христијанството е Рождеството Христово и најсветлиот ден во христијанството, бидејќи на тој ден се празнува раѓањето на Спасителот Исус Христос. Оттаму, на овој ден именден празнуваат оние по име Христо, Христина, Божин, Ристо, Христина, Ристана, Ристовка…

Колку овој ден е важен за човештвото се гледа и по тоа што тој е земен за клучен датум, односно камен-темелник, за пресметување на времето, па така имаме стара и нова ера што значи време пред и по раѓањето на Исус Христос. Овој празник е наречен и матица на повеќе празници бидејќи да не бил овој празник, што значи да не се родел Исус Христос, немало да има ниту негово крштевање, (значи немало да го има празникот Водици), немало да има ниту Распетие и Воскресение (Велигден) ниту Вознесение (Спасовден), немало да постојат ниту празниците Духовден, Преображение, Крстовден итн. За неговата важност зборува и тоа што Божик е само еден од трите празници во кои православната црква го одбележува раѓањето. Заедно со раѓањето на спасителот Исус, црквата како празник го востановила и раѓањето на неговата мајка Богородица, како и денот на раѓањето на свети Јован Крстител. За сите други светители, православната црква го слави нивното упокојување.

„На Божик се сеќаваме на Христовото раѓање. Го славиме Господа Исуса Христа. Го славиме неговиот роденден. Бог станал човек. Бог дошол на земјава. Христос е син божји, кој е роден како човек од Дева Марија. Тој е во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот, нема грев, безгрешен е. Тој се родил една ноќ во градот Витлеем, во пештера. Тој е спасител. Дошол за да нѐ спаси. Дошол за да можеме ние да бидеме како него во своите животи. Да бидеме добри, како што е добар Бог. Добри секогаш, со секого и секаде“, објаснува Ратомир Гроздановски, професор на Богословскиот факултет при МПЦ-ОА.

Како што е запишано во евангелските текстови, праведните Јосиф и Света Дева Марија од родот Давидов, во тоа време кога Палестина била во рамките на Римската империја, тргнале од Назерет за да се запишат во Витлеем, откако римскиот император Август издал заповед да се изврши попис на населението во империјата, а секој да биде попишан во градот на своите дедовци. Кога пристигнале во Витлеем, поради тоа што имало многу народ дојден заради пописот, за нив немало место во гостилниците и куќите. Некои добри луѓе, сакајќи да им помогнат, ги упатиле во една пештера во близината на градот во која пастирите ги засолнувале овците и козите за време на невреме.

Ноќта силна светлина ја исполнила пештерата, но и околните ридови. Света Дева Марија го родила својот Син првенец, го повила и го ставила во јаслите. Силната светлина ги исплашила и пастирите што со своите стада ноќевале на отворено на околните ридови, но веднаш потоа ангелот Господов ги утешил и предупредил јавувајќи им ја радосната вест: „Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец како лежи во јасли“. Веднаш потоа хорот на ангелите ја запеал песната: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“ (Лука 2/14). Пастирите веднаш отрчале во пештерата каде што ги нашле Марија и Јосифа со Богомладенецот, му се поклониле, а потоа низ градот разгласиле за раѓањето на Спасителот.

Повеќе ТУКА.

- Реклама -