Обраќање на Архиепископот Охридски и Македонски – г.г. Стефан, заедно со Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, по повод Божик и божиќните празници
„Возљубени празникољупци, Христовото рождество е празник на радоста, кога ја доживуваме вистината и убавината на нашата вера. Божик е денот на добрата волја, кога милостивиот Бог се понизил заради нашето спасение, денот кога Бог миротворецот му подари мир и помирување на човекот и на светот. Божик е денот кога Создателот стана Богочовек, се роди како човек за да го спаси човекот.
Ете тој спасоносен настан и денес нѐ повикува со мислите да се пренесеме во онаа неповторлива ноќ во Витлеем и да се потсетиме на даровите од тој неповторлив миг за човечкиот род, за да ја разбереме богооткриената спасоносна вистина. Со рождеството на Синот Божји се објави тајната на спасението и благата вест за вечниот живот. Оттаму, денот на Христовото рождество е празник на небесната радост, која и денес ни порачува да празнуваме со таа радост што трае.
Возљубени, најмногу од сѐ треба да сме му благодарни на Бога што сме негови и што со неговото име се именуваме. Годинава ќе одбележиме голем јубилеј – 1.000 години од постоењето на Бигорскиот манастир. Имаме светилишта ненадминати во уметноста и архитектурата по кои светот нѐ препознава и се дел од нашата духовна и културна генеза. Па да го чуваме тоа што е наш идентитет, и духовен и национален, да го чуваме и зачуваме.
Да настојуваме со божиќните пораки постојано да бидеме духовно освежени и морално оснажени. Со добри дела да се оддалечуваме од злото за да може во нас и во нашите домови да владее мирот. Да се трудиме во секого од нас да се разбуди љубовта кон Бога, љубовта кон светата црква и татковината, љубовта кон сѐ што е свето и богоугодно. Со својот живот да придонесуваме Богомладенецот постојано да се раѓа во нашите срца и да биде во нас и со нас, амин. Христос се роди, Христос се роди, Христос се роди. Благословено новото лето господово“, порача Г.Г. Стефан.