За изборите да се одржат на 12 април, како што се договорија политичките партии, техничката Влада мора да се формира до утре на полноќ. Ако тоа не се случи , тогаш се поместува и датумот за одржување на изборите, затоа што од денот на формирањето на техничката Влада до денот на изборите треба да поминат 100 дена.
Но, ако сѐ оди според предвиденото сценарио, тогаш прво премиерот Зоран Заев треба да поднесе оставка од функцијата и да ја достави до Собранието. Откако Собранието ќе ја констатира оставката на Заев целата Влада е во оставка. По ова, претседателот Стево Пендаровски треба да го даде мандатот за состав на нова Влада на идниот технички премиер. Во овој случај тоа е актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој ќе ја предводи Владата на предлог на владејачкиот СДСМ. Потоа Спасовски, по претходен договор со опозицијата, треба да го предложи новиот состав на Владата, за кој се гласа во Собранието со мнозинство гласови. Од Собранието за Алсат велат дека се подготвени целата процедура да ја завршат до истекот на рокот – утре на полноќ ако претходно има договор од политичките партии.
Во новата Влада на предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе има двајца министри и тоа за внатрешни работи и за труд и социјала, како и тројца заменици министри во ресорите финансии, земјоделие и информатичко општество.
Преодната Влада ќе ја води државата 100 дена, до одржувањето на предвремените парламентарни избори на 12 април. Нејзина главна задача е да ги организира изборите.
Според Законот за Влада, техничкиот министер за внатрешни работи може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања. Техничките заменици министри, пак, имаат право на вето само за прашања поврзани со изборите. Во овој период забранети се нови вработувања, инвестиции и унапредувања. Собранието треба да се распушти на 11 февруари, односно на 60 дена пред одржувањето на изборите.
Ваквата пракса за формирање преодна Влада 100 дена пред парламентарни избори започна со потпишувањето на Пржинскиот договор пред четири години, а ова ќе биде втора техничка Влада во земјава.