Заев: Ќе се бришат камати на долгови

Ќе се бришат камати на долгови

Ќе се бришат каматите на долговите на граѓаните кои стигнале на извршување до крајот на 2017 година. Но само тие кон јавни и државни претпријатија, државни органи и установи на централно и локално ниво.

Каматите на долговите пак за сметките за струја, телефон, кредити, приватните компании доброволно сами ќе одлучуваат дали ќе ги избришат.

Главниот долг за граѓаните ќе се репрограмира и ќе се плаќа на повеќе рати. Владата предлага измени во два закони со кои како што вели сака да го симне финансискиот товар од грбот на граѓаните.

„Се надевам дека приватните доверители особено оние кои можат да си го дозволат тоа на доброволна основа ќе го прифатат овој предлог и ќе се солидаризираат со граѓаните.Апелирам како претседател на Владата до сите оние приватни компании ЕВН, Телеком, банките и многу други самите знаат дека се тешко наплатливи вака доспеани долгови со се камати. Ако направат бришење на каматитет граѓаните сакаат чесно на рати да си го платат главниот долг.“ – рече Заев

Извршителите нема да смеат да извршуваат од сметките на граѓаните со гарантиран минимален доход. А на тие со приход до просечна плата, пензија наместо една третина ќе смеат да им земаат по една петтина од приходот.

Ќе се намалуваат и наградите за извршителите, но Тарифникот се уште е предмет на консултации.

Токму намалувањето на наградите пак вчера ги дигна на штрајк извршителите. Одлучија да го искажат револтот од предлогот за намалување на наградите во Тарифникот со кој како што рекоа им се намалуваат приходите, па некои од нив едвај преживуваат.

“Ова што денес го промовираме како принцип на социјална правда и грижа за граѓаните ќе има приоритет врз она што ќе значи задржување на удобните позиции на извршителите. Секако нема д аодиме на варијанта која што ќе значи целосна неефикасност на извршувањето, но сепак приоритет ќе добијат правата на граѓаните да имаат пристоен живот и да не бидат постојано под притисок на наплата на нивните долгови и особено на каматитет кои што се набилдани на тие долгови” – рече министерката за правда, Рената Дескоска.

Законските измени утре ќе поминат владина седница, и се очекува наскоро да ги изгласаат и пратениците.

Со што треба да прекине присилната наплата од извршителите и во рок од три месеци долгот без камати граѓаните да го плаќаат на рати.

- Реклама -