Европската инвестициска банка со грант од 10 милиони евра ќе ја помогне изградбата на еден од најголемите инфраструктурни проекти наменети за заштита на животната средина – Пречистителната станица за отпадни води од градот Скопје.
Ова е еден од најголемите инвестициски зафати во делот на екологијата што трајно ќе го реши третманот на урбаните води од главниот град. За проектот се обезбедени вкупно 136 милиони евра, од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) а договорите со меѓународните финансиски институции беа потпишани денеска во Министерството за финансии.
Министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека со потпишувањето на договорите за реализација на пречистителната станица, се покажува фокусираноста кон заштита на животната средина.