Героски: ДО ДРУГАРОТ ЖАРЕ ТРАЈАНОСКИ

Статус на Бранко Героски: ДО ДРУГАРОТ ЖАРЕ ТРАЈАНОСКИ

Друже Жаре, гледам, си дошол и ти на ред во „стрелачкиот вод“. Ако, пријателе. Јас ќе ти одговорам на твојот малициозен пост што си го објавил на Фејсбук за мене (претппоставувам, веќе е преобјавен на десетина од новосоздадените медиуми кои се „борат“ за „демократија“, хахахаха). За секој случај, одговорот ќе го пренесам и на мојот профил. За да избегнеме забуни, недочитувања, погрешни наслови и слични манипулации. Колку што се може…

Велиш, си се чудел и си се прашувал „дали е ова истиот Геро со кој пред една деценија го основавме ГЕМ, со кого заедно шетавме низ Македонија, поставувајќи го прашањето можеме ли во НАТО и ЕУ без компромис?“

Нешто со заборавил, друже… Јас не си го поставував тоа прашање. Јас и пред ГЕМ го имав одоворот и пишував дека ни е потребен компромис пред да почнеме заедно да крстариме низ Македонија. Со радост се сеќавам на тие денови, но немој слулајно да си во заблуда дека за време на тој поход јас станав заговорник на компромисно решение на спорот со Грција. Не, за компромисно решение се залагав во десетина колумни во тогашен „Шпиц“. Ќе те потсети твојот имењак Жаре Јорданоски, ако мене не ми веруваш. Оти и со него заедно ја биевме таа битка…

Својот тогашен став јас не го променив. Иако се залагав за компромисно има за севкупна меѓународна употреба, јавно го поддржав Преспанскиот договор, во кој е предвидена и севкупна домашна употреба на новото службено име, спротивно на ветувањата на премиерот Зоран Заев. Не е можно да не си ги чул тие ветувања.

Го поддржав Преспанскиот договор уште истата вечер кога беше објавен на англиски јазик (од грчкиот весник „Катимерини“, ако не се лажам). Премиерот лично ми се јави да ми се заблагодари за поддршката. Ако не веруваш, прашај го, сигурно ќе се сети. Разменивме неколку пораки по Вајбер…

Но, Преспанскиот договор, друже Жаре, како и сите други меѓудржавни договори, ги регулираат официјалните односи, во случајов – прашањето на службеното име на нашата земја и неговата употреба. Договорот на бара, а ни Грците не бараат, новото име да го повторува секој селоначаланик, во секоја пригода.

Никој од нас не бара новото службено име да го пишуваме во медиумите. Најмалку да го користиме во секојдневната комуникација. Често сум присутен во Грција и верувај, кога Грците слушаат како папагалски го повторуваме новото компромисно име, во секоја прилика, ни се смеат.

Не е можно, друже Жаре, да не си читал за барањата да се смени химната. Да те постетам кој и како бараше? Јавно се пишуваше за тоа…

Не е можно да не знаеш дека во повеќе европски јазици, спротивно на Преспанскиот договор, е во употреба именката „Севернамакедонија“ (Nortmazedonien во Германија, на пример), како и придавката изведена од тој превод, имено „северномакедонски“. Ништо од сето тоа не е според словото и духот на Преспанскиот договор. За тоа пишуваше Кица Колбе, на пример.

Веројатно си пропуштил да ја прочиташ нејзината извонредна лингвистичка анализа. И никој од македонското МНР не реагира поради ова. Напротив, некои пропагандисти на власта јавно и отворено ја употребуваат придавката „северномакедонски“ (за народот и за државата) и на македонски јазик.

Не е можно, друже Жаре, да не си забележал дека под превезот на поддршка на договорите со Грција и во Бугарија, луѓе во медиумите блиски до власта отворено шират еден одвратен антимакедонизам – ја оспоруваат македонската историја, ги оспоруваат македонските преродбеници и револиционери, бараат „да умре“ Македонија и сѐ што е македонско и сето тоа да се прероди во нешто ново (во пеперутка, претпоставувам), се потсмеваат со целото наше културно и духовно наследство, за кое, се разбира, јас, ти, ГЕМ-овци и многу други се согласивме дека е од словенско потекло.

Така не се договоривме, друже Жаре. Да, паметам кога говоревме дека промената на уставното име нема да значи промена на идентитетот (јас пишував трактати за тоа, поради што бев сменет од уредничклата позиција во „Шпиц“). Но, овој антимакедонизам што го шират некои апологети на Заев, а го лајкаат истите оние што го лајкаат и ова твое писание за мене, е обид за промена на нашиот идентитет. Се разбира, тој обид е комичен, карикатурален дури, но е обид – и тоа, за жал, оди на сметка на СДСМ. Јас за тоа не сум виновен.

Твојот другар „предавник“, драг мој Жаре, никаде не се изгуби. Тука е. За тазлика од тебе, твојот другар пак си е „предавник“. Критичар на власта. Секогаш. Можеби треба јас да прашам во кои меки јасли залутал мојот другар Жаре, оној Жаре од нашата „предавничка“ тајфа. Но, сепак има една разлика меѓу мене и тебе – јас тебе никогаш нема да те изложам на ваква интимидација и на вакви инсинуации, какви што ти пласирапе за мене во ова твое писание.

Тоа нека ти служи на чест, Жаре пријателе.

- Реклама -