Соработка на македонскиот и бугарскиот архив-Заеднички зборници за Делчев и за првите фотографии на Балканот

Македонскиот и бугарскиот архив годинава ќе издадат заеднички зборник на документи од историски личности, како дел од договорот за соработка меѓу двата архиви, објави македонскиот Државен архив.

Освен овој зборник, ќе се реализира уште еден проект, зборник на документи со работен наслов „Првите фотографии на Балканот“, во кој ќе биде опфатен архивски материјал од браќата Манаки од Одделението на Државниот архив во Битола.

За разлика од македонскиот архив, бугарскиот најави дека ќе издадат заеднички документи за животот и делото на Гоце Делчев.
„Новиот директор на македонскиот Државен архив, Емил Крстески ја посети Софија на 12 и 13 декември. Двајцата се договоривме да ја засилиме соработката меѓу двете институции во неколку насоки. Едната е поврзана со едно заедничко издание на документираното наследство на Гоце Делчев“, вели директорот на бугарската Државна агенција „Архиви“, Михаил Груев за агенцијата БГНЕС.

Според него, до сега во Бугарија има две вакви изданија, но во текот на последните години се објавија нови документи за дејноста на големиот револуционер.
Груев објаснува дека договорот со македонските колеги бил да се „извади тоа што излегло од перото на Гоце Делчев кај нив и кај нас“. Крајниот резултат ќе биде факсимилно издание, така што сите читатели ќе можат да се запознаат со неговиот живот и дејност.

„Собирањето на тие документи на едно место ќе помогне исклучително многу за историската наука. До сега не е направено такво нешто. Желбата е да се помогне на дијалогот“, изјавил Груев и додал дека одлуката да се издаде архива на Гоце Делчев била заедничка.
Инаку, според соопштението од македонскиот Државен архив, директорот Емил Крстески за време на посетата на Софија на 12 и 13 декември на средбата со неговиот колега од бугарскиот архив разговарале за начинот на работење во сите сегменти од архивите, за можностите за разменување на искуства и организирање на заеднички настани (обуки, изложби и сл.), а беа утврдени и неколку конкретни заеднички проекти за следната година.

„Во рамките на Договорот за соработка помеѓу двата државни архива, кој е потпишан на 5 октомври 2017 година, во текот на 2020 година, во Пловдив и во Софија ќе биде организирана обука за конзервација и реставрација. Воедно ќе почне реализацијата на два проекта од издавачката дејност, од кои едниот ќе биде зборник на документи со работен наслов ‘Првите фотографии на Балканот‘. Во него, меѓу другото, ќе биде опфатен архивски материјал од браќата Манаки од Одделението на Државниот архив во Битола. Другиот проект ќе биде заеднички зборник на документи од истакнати историски личности“, пишува во соопштението од Архивот.

- Реклама -