За Бугарската академија на науките, македонскиот јазик е бугарски дијалект. Од БАН се категорични дека не го менуваат ставот за тоа, а бугарски академици имаат забелешки за повелбата за македонскиот јазик што ја усвои МАНУ. За неа сметаат дека содржи неточни и неприфатливи позиции за потеклото, историјата и карактерот на службениот јазик во Македонија кои, како што оценија, им штетат на односите на двете земји.
„Академиците од Софија, неофицијално го признаваат македонскиот јазик, но официјално не можат да го признаат. На 3 декември МАНУ имаше собрание на кое беше донесено едно научно решение за јазикот. Во последните 6 – 7 години односите меѓу двете академии се развиваат многу позитивно“, рече Васил Николов, заменик-претседател на БАН.
Претседателот на МАНУ во заминување, Таки Фити денеска возврати дека ќе се консултира со лингвистите за да излезат со став.
„Тука е инволвирање на бугарската политиката, што не е во ред. Нема да ги расипеме односите. Ќе седнеме да разговараме ние сме се договориле. Нема прашање за кое ние не можеме да дискутираме, дури и најсензитивните“, вели Фити.
Премиерот Заев пак, е убеден дека брзо ќе се надминат разликите меѓу Македонија и Бугарија.
„Ние сме Македонци кои зборуваме македонски јазик, барем најголемиот дел од граѓаните, секако ние сме мултиетничка земја. Ова прашање очекувам од пријателска Бугарија да го надмине, да го реши во делокругот на решавање на оние проблематики каде што се составен дел од договорот, односно на решавањето на проблемите како што е Гоце Делчев и другите прашања, како проблематики кои се решаваат“, рече Заев.
Институтот за македонски јазик преку соопштение попладнево реагираше за ставот на бугарските академици, порачувајќи им да афирмираат наука и култура за градење пријателство.
„Со ваквата изјава се негира постоењето на македонскиот јазик, литература, историја и култура и со тоа се врши негирање на македонскиот национален идентитет. Постоењето на македонскиот јазик со свој посебен дијалектен систем и со своја историја е апсолвирано прашање во светски рамки уште одамна и секој став што го негира овој непобитен факт го сметаме за свесна провокација“, реагираа од Институтот за македонски јазик.