Се откажуваат од македонско државјанство, што ако се премислат?

Дел од македонските државјани се откажуваат од македонското државјанство, со цел да станат државјани на друга земја, каде ќе имаат подобри услови за живот и работа.

Ова е тренд не само во Македонија, туку и во другите земји од регионот. Лани 1.621 граѓанин се откажале од македонско државјанство. Ова го покажуваат податоците од Министерството за внатрешни работи. На овој чекор се решаваат луѓето во средни години, кои сакаат подобра иднина за своите деца.

„За месец дена, мојата ќерка и зет кои живеат во Словенија ќе се откажат од македонско државјанство. Таму се веќе 15 години и децата им се родени во Словенија. Мене лично ми е жал, но мораат тоа да го направат за подобра иднина на своите деца“, вели средовечна жена од Куманово.

Елена Јосифова од Кочани раскажува дека нејзината ќерка наскоро ќе побара отпус од македонско, со цел да добие германско државјанство.

„Од 1991 година сум во Германија. Дојдов на свои 19 години, а веќе 29 години сум тука. Имам две деца, мојот сопруг е Германец, а каде се децата таму морам да бидам и јас, така што по толку години сите ме заборавиле во мојата матична земја. По 30 години никој не ме памети и јас сум поголем странец во Македонија одошто во Германија“, раскажува друга Македонка која долги години е во Германија.

Граѓаните кои се откажале од македонско државјанство сега се гости во својата татковина.

Но, што доколку по извесен период околностите се сменат и оној кој се откажал, сака повторно да поседува македонско државјанство?

„Лицата кои имаат добиено отпуст од државјанство на Република Северна Македонија можат да се стекнат со државјанство на Република Северна Македонија после 3 години од денот на врачувањето на решението за отпуст од државјанство по член 8 од Законот за државјанството на РСМ (како странци само не треба престој од 8 години на територијата на РСМ).Таксата за отпуст од државјанство на РСМ е 100 ЕВРА во денарска противвредност и се уплаќа при поднесување на барањето за отпуст од државјанство на РСМ“, информираат од МВР.

Во регионот, БиХ изгубила население колку цел еден град, односно скоро 90.000 по војната до денес се откажале од босанско државјанство за да земат германско, австриско, чешко, словенечко државјанство.

Фактор.мк

- Реклама -