Сметките за вода не се повисоки, само е издвоен надоместот за јавното зеленило

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов негира дека градските советници тајно ја покачиле цената на водата. Тој вели дека структурата на цената на сметката за водата е иста, само што сега граѓаните првпат може да видат дека на сметката се плаќа и одржување на градското зеленило. Скопјани се пожалија дека за 20 отсто добиле повисоки сметки за вода и дека Советот на Градот молчешкум ги поскапил комуналиите.

– Не е одлука на Советот и не е ново. Одлуката на Советот на Градот е од 2012 година, а согласно решението на Регулаторна комисија од 2016 година да се издвои ставката за одржување на градското зеленило, сега е воведена во сметките за вода. Значи водата не е поскапена, само во сметката сега првпат е видливо како ставка и финансирањето на „Паркови и зеленило“ – рече Шилегов.

На прашање да објасни дали станува збор за зголемување на сметките за вода за нови 20 отсто за градското зеленило, градоначалникот тврди дека нема зголемување и дека процентот од 20 отсто е ист, дека и досега сме го плаќале само граѓаните сега првпат може да го видат на сметките за вода.

Тој рече дека не може да знае дали некои индивидуални сметки за вода се повисоки и додаде дека скопјани пијат најевтина вода во Европа.

Заклучно со октомври на сметките за вода имаше ставки за потрошената вода и за ѓубрарина. Со ноемвриските сметки има ставка и за одржување на градското зеленило.

Советот на градот ја изгласал одлуката на крајот на октомви. Ноемвриските сметки се зголемени од 30 до над 500 денари, реагираат скопјани.

На сума од 200 денари за потрошена вода, за одржување зеленило Градот ќе наплаќа 40 денари. За сума од над 1.000 денари, одржувањето на зеленилото ќе чини околу 420 денари. Сумите се многу повисоки за фирмите, кои плаќаат индустриска вода.

- Реклама -