Речиси три месеци по растурањето на СЈО, со разрешувањето на неговата шефица Катица Јанева, на дневен ред во парламентот се најдоа измените на Законот за јавнообвинителска служба, кои целиот овој период се чуваа во „фиока“, а со кои треба да се реши статусот на вработените во ова обвинителство.
Законот чии предлагачи се пратеници од мнозинството е на дневен ред на собраниската седница на 11 декември. Со измените, практично, се овозможува државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да може да ги потпишува налозите за сите трошоци на СЈО, вклучително со платите на вработените, а ќе има и надлежност врз истражителите во оваа институција.
„За сите прашања кои се однесуваат на работниот однос на јавнообвинителските сужбеници и лицата вработени во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите кои вршат технички и помошни работи одлучува Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите или Јавниот обвинител на Република Северна Македонија доколку нема избрано Јавен обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите“, стои во предлог-законот.
Пратениците на СДСМ го подготвија Законот за јавнообвинителска служба набрзо по разрешувањето на Јанева и враќањето на обвинителите на СЈО во матичните обвинителства. Меѓутоа, според информациите, тој досега не бил ставен во агендата на законодавниот дом поради потресите што постојано се случуваа околу СЈО, посебно случаите со непотизам што излегоа во јавноста.
По разрешувањето на Јанева, предметите што произлегоа од масовното прислушување ги презема редовното јавно обвинителство, а обвинителите што беа ангажирани во СЈО се вратија на претходните работни позиции. Во СЈО останаа стотина вработени – стручни соработници и помошен персонал, кои веќе три месеци не земале плата, а деновиве им беа исклучени и интернетот и службените телефони. Освен тоа, во СЈО се трупаат долгови за комуналии.
Статусот на вработените во СЈО требаше да се реши со измени во Законот за јавно обвинителство, кој се носи со двотретинско мнозинство, а за кој власта и опозицијата не постигнаа консензус. Со предлог -измените што ги подготви Министерството за правда се предвиуваше спојување на СЈО со Обвинителството за организиран криминал, поточно формирање ново обвинителство за организиран криминал и висок профил на корупција.
Со предлог-законот за јавнообвинителска служба се предвидува, по укинување на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, вработените да бидат прераспределени на други позиции, односно оние кои биле преземени во СЈО да се вратат во институциите во кои работеле претходно.
СЈО, според специјалниот Закон за оваа институција, што беше донесен во 2015 година, има мандат до септември следната година, со можност за продолжување за по една година, за што би одлучувал парламентот со двотретинско мнозинство. Мандатот на Јанева како специјален обвинител, пак, беше со 15 септември годинава, но таа ден претходно беше разрешена од функцијата поради нестручно, несовесно и незаконско работење.