И по Самитот во Лондон, се вративме без амбасадор во НАТО

Самитот на НАТО во Лондон заврши синоќа, а Македонија, иако седна на иста маса како 30. членка, се уште не назначи свој амбасадор во седиштето во Брисел. Тоа претходно го најавуваа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

Пред повеќе од една недела медиумите добија уверување дека до самитот на НАТО во Лондон на 3 и 4 декември ќе се знаат новиот амабасадор и новиот воен претставник на Северна Македонија во Алијансата, но засега и понатаму нема име кое би можело да исплива на површината.

– Северна Макеоднија до самитот на НАТО ќе има избран свој воен претставник во Алијансата. Нашите мисии се зајакнуваат – и во дипломатскиот и во одбранбениот дел. До крајот на годината се очекува да имаме и нови простории за нашата мисија, рече Шекеринска по средбата со шефот на канцеларијата на НАТО во Скопје, полковник Зоран Јанковиќ.

Министерот Димитров во претходните денови имаше исти очекувања да биде завршена работата и околу назначувањето на дипломатскиот претставник во НАТО.

– Тоа ќе биде човек со искуство и со политичка тежина кој достојно ќе преставува во НАТО. Ако по 25 години сме на чекор пред влез во НАТО, ќе биде крајно несериозно ако политичките фактори кои учествуваат во постапката за именување амбасадори не успеат да го обезбедат тоа. Ќе биде исклучително лош сигнал ако полноправното членство го дочекаме со вршител на должност, истакна Димитров, сепак, изразувајќи увереност дека во наредните денови ќе биде назначен амбасадор во Алијансата.

- Реклама -