Самсоненко: Државата ми вети помош… излажаа… не можам понатаму

Првиот човек на Вардар, Сергеј Самсоненко, во интервју за неделникот „Фокус“ зборуваше за актуелната состојба во тимот и истакна дека во изминатите години, додека тој е на чело на македонскиот спортски бренд, за сите колективи потрошил преку 100 милиони евра.

Рускиот бизнисмен долги години е инвеститор во Вардар, а под негова капа дојдоа најголемите успеси на клубовите, меѓу нив двете европски круни со РК Вардар, групите на Лига Европа со ФК Вардар, како и неколкуте Ф4-турнири во низа во женска ракометна конкуренција.

„Сто милиони евра сум потрошил на спортски екипи во земјава. Сè уште ги финансирам машкиот и женскиот ракометен тим на Вардар и истоимениот фудбалски клуб. Како ќе биде понатаму не зависи само од мене, зашто не сме излезени од финансиската криза. Се разбира, јас ќе ги исплатам сите вработени и играчи, кои се апсолутно коректни, а понекогаш херојски се однесуваат во натпреварите. Не е прашање дали сакам или не, многу години финансирам и тешко се издржува, немам толку пари. Секоја година оди сè потешко. Кога по вторпат освоивме титула во Лигата на шампионите, ми беше ветена помош од различни институции во државата и јас уште чекам на таа помош, зашто без неа не би можел да издржам понатаму“, изјави Самсоненко.

Сергеј Самсоненко претходно неколку пати јавно упати апел до сите бизнисмени во земјата да му помогнат, за Вардар да остане во ист лик и да се бори за највисоките дострели на европската мапа.

- Реклама -