Милчин: Целта им е само да исцедат повеќе пари, затоа тешко ќе добиеме легитимна влада

Режисерот и поранешен и долгогодишен прв човек на Сорос-фондацијата во Македонија, Владимир Милчин, во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“ зборува за политичката ситуација, за изборите напролет, за состојбата во културата.

– Кај нас ниту овие се леви, ниту овие се десни. Во Македонија таа поделба не важи за политичките партии. Ако некој најде битна разлика меѓу ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, пишете ми. Тука идеологија нема. Прашањето е само како да се исцедат што повеќе пари дури имаш власт. Затоа и на следните ибори ќе има толку мала излезност што тешко ќе може да се прогласи легитимна влада на тие што ќе успеат да ја состават. Ќе биде тоа некоја каша – рече Милчин.

Милчин нагласи дека за помалку од три години колку што е на власт, Владата променила тројца министри за култура, што, според него, значи дека културата е монета за поткусурување.

– За кратко време трипати се менува министер и тоа во период кога се менува името на државата и кога сме изложени на последици од тоа од соседите со кои потпишавме некакви спогодби. Не смее Министерството за култура да биде изложено на партиски калкулации, а најамалку во вакво време – истакна Владимир Милчин.

Во емисијата тој зборуваше и за македонските евроатлантски интеграции.

– Работите беа врзани – почеток на преговори со ЕУ и прием во НАТО. Сега имаме само дел од тој пакет. Она што е најтрашно е тоа што во Македонија нема надеж.Таа е убиена. Затоа се иселуваат младите. И тоа што ние ќе станеме земја-членка на НАТО, дај боже, тоа иселување нема да го запре. Значи, не добивме правда, не го добивме ни она што требаше да го прекрие тоа што не добивме правда – не добивме датум за преговори. Мислам дека бевме жртви на една стратегија – правдата да ја заборавиме со тоа што ќе добиеме датум за преговори. Е, ама луѓето не забораваат. Приемот во НАТО не е компензација на тие две работи – отсутната правда, односно задушувањето на барањето правда и недобиениот датум за преговори – рече Милчин.

- Реклама -