Да чувате доверливи информации ви е обврска, а не причина за надомест

Пишува: Љубиша Арсиќ за НОВА ТВ

Законот за класифицирани информации е прописот кој ги уредува тајните и доверливите информации и податоци. Законот ја уредува класификацијата на информациите, условите, критериумите, мерките и активностите што се преземаат за нивна заштита, правата, обврските и одговорностите на создавачите и корисниците на класифицирани информации, меѓународната размена, како и други прашања во врска со користењето класифицирани информации.

Класифицираните информации се означуваат со степени на класифицираност, па постојат четири видови заштити – државна тајна, строго доверливо, доверливо и интерно, како и уште една форма, кога информацијата е од јавен карактер, но заради некои специфични околности поврзани со ефикасноста на работењето на управата и се става назнака – за ограничена употреба.

Овој закон во моментов е во Парламентот за да се направат некои измени кои ги наметнуваат НАТО критериумите, пред Северна Македонија да стане полноправна членка на Алијансата, но ниту во тие измени, ниту во постоечкиот закон не е запишано дека имателите на доверливи информации или нивните корисници ќе наплатат од државата затоа што ги имаат и ги користат таквите податоци.

Кој и по колку да им плати на оние кои цел живот имаат доверливи информации и осетливи предмети

По читањето на Законот за класифицирани информации се заклучува дека обврската и одговорноста околу доверливите информации потекнуваат од самата позиција/функција што ја извршува лицето кое поседува, разменува или користи ваков вид заштитени информации. Што значи тоа?

Дека со платата која ја земале специјалните обвинители, а сигурно била далеку над просечната, па и повеќе од пристојна, најверојатно се предвидува и чувањето доверливи информации и документи. Платата е личен месечен доход за остварен труд, па кај обвинителите, покрај тоа што истражуваат докази, пишуваат обвинителни акти, се појавуваат во судница за застапување предмети, сигурно и молчењето за одредени доверливи информации спаѓа во спецификацијата на нивните работни позиции. Па зарем ако не си наплатиле по срамни четири илјади евра месечно за чување доверливост би оделе по улица и би раскажувале какви информации имаат?

Сигурно дека не, а зошто? Затоа што природата на обвинителската работа е понекогаш да поседуваш доверливи информации, но не и да ти платат за да ги чуваш.

Сигурно после скандалот што деновиве го тресе СЈО, специјалните обвинители не би се согласиле со оваа теза и ќе останат тврдо на ставот дека тие ги чувале, архивирале, физички и информатички ги обезбедиле сите информации и податоци со кои располагаат, не дозволиле ниту една снимка да излезе надвор (таман работа да дозволеа, покрај резилот со шефицата, па сега и со надоместоците).

Но знаете што? Сите аргументи кои СЈО ги користи за да ги оправда ваквите суми изразени во стотици илјади евра се залудни за да си го поправат впечатокот. Па, сите други институции, сите други поединци во државата кои имаат доверливи информации го прават со години истото што го правеа специјалните обвинители во изминатите три години во однос на заштитата на доверливите материјали, а кој им плати ним?

 

ЦЕЛАТА СТАТИЈА

- Реклама -