Секогаш кога некој скандинавски или западноевропски претседател, премиер или министер ќе биде фотографиран како се вози во метро, на работа оди со точак или прави нешто друго налик на обичните граѓани, овдешната јавност веднаш почнува да аплаудира и да го посочува за пример што треба да го следат и нашите политичари. Не дека и тие фотографии од ветените земји некогаш не се местенки, но ете, тие ситуации очигледно и реално се случуваат.
Ние, од друга страна, мора да се задоволиме со помалку. Еве, последниот пример ни е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, кој викендов беше фотографиран додека користи јавен градски превоз. Додуша, во Лајпциг, во трамвај, но доволно за да ја имаме менталната слика за тоа како би изгледал можеби идниот премиер веќе на следните избори во еден попразен и почист скопски автобус, некогаш во некоја иднина која тешко дека ќе ја дочекаме. Се разбира, причината што тоа е тешко остварливо (покрај што нашиве политичари не се бyдaли) е и тоа што овде речиси секој во сон знае да ја наброи првата постава на владата и опозицијата, без разлика дали актуелна или поранешна. А за тоа „заслуга“ си имаат, нели, пред сѐ самите политичари. Како и да е…
„После Загреб и Лајпциг завршува работниот викенд во Прага… во трамвај до Аеродромот. Стратегија, иднина, туризам и енергетика. Состаноци, разговори за #ОбноваНаМакедонија!“, напиша Мицкоски на Инстаграм, каде што ги сподели фотографиите.