Пирло нема пораз во Серија А од 2010 година

Андреа Пирло е најголемото засилување што беше ангажирано од страна на новата управа на Јувентус при најновото издигнување на најтрофејниот клуб на врвот на италијанскиот фудбал.

Извонредниот плејмејкер којшто пристигна без никаква отштета од Милан е вистински диригент на својот тим, точно знае кога и како да го проигра слободниот соиграч и да создаде шанса за „Старата дама“. Сепак, она што најмногу импресионира кај Пирло е неговиот победнички менталитет, којшто придонесува тој цели 22 месеци да не знае за пораз во Серија А.

Педантните италијански статистичари обелоденија дека Андреа Пирло последен пат загубил меч од Калчо лигата на 18 декември 2010 година, кога како член на Милан беше поразен со 0:1 на дербито со Рома, со погодокот на Марко Бориело. До крајот на таа сезона „Росонерите“ загубија уште една средба, од Палермо, но Пирло не се најде во тимот на тренерот Алегри за тој меч.

Летото 2011 следеше трансферот во Јувентус, што се покажа како вистински потег и за „Старата дама“, но и за самиот Пирло, којшто експресно се врати во топ-форма и прерасна во лидер на најтрофејниот италијански клуб.

Резултатите се добро познати, Јувентус стигна до ново скудето на импресивен начин, без ниту еден единствен пораз, а „Црно-белите“ од Торино во сличен стил ја стартуваа и новата сезона, со седум победи и едно реми во првите осум кола.

Доколку „Старата дама“ продолжи во ист стил да ги меле противниците, прашање е кога ќе биде прекината оваа серија на непобедливост на Андреа Пирло на фудбалските терени ширум Италија.

- Реклама -