Берово – Викторијан и Душица Муцунски се млад брачен пар. Урбани млади луѓе од урбаното Скопје. Град во кој Викторијан се родил пред 23 години, додека потеклото на Душица е од Делчево.
Пред една година тие донеле една, за наши прилики, многу неверојатна одлука дека ќе ја напуштат метрополата за која сонуваат најголем број млади во државата и дека семејното гнездо ќе го преселат во Берово, во малиот град на истокот од државата од каде што многумина се иселија. Викторијан дипломирал на Факултетот по туризам и економија, неговата сопруга Душица е магистер по право.
„Пред една година донесовме одлука дека ќе живееме во Берово од каде што потекнуваат моите. Годинава таа едногласна семејна одлука ја реализиравме. Го продадовме станот во скопски Аеродром, си ги спакувавме сите работи кои ни беа потребни и заминавме во Берово. Моментално живееме во куќа на нашите постари, зедовме плац и од идната пролет започнуваме да градиме куќа за идната есен да се вселиме во неа“, вели Викторијан.
На нашето прашање што не им се допаѓа во Скопје, а што привлечно најдоа во Берово, Викторијан дава ваков одговор.
„’Виновник’ за сето ова е мојот дедо Слободан кој секој викенд ме носеше во своето родно Берово и ми ги промовираше убавините на животот во мало место. Подоцна и самиот сфатив дека менталитетот на луѓето во Скопје и во Берово е многу поразличен, тука секој ти подава рака и во миг ти станува пријател, што не е случај во главниот град.
Одлуката за преселба ја забрза и лошиот квалитет на живот во Скопје, загадениот воздух, проблемите во сообраќајот. Кога таму имаше епидемија од морбили, во Берово немаше ниту еден таков случај, во голем град има и повеќе насилство, а во Берово такво нешто нема. Тука е и најважниот факт што ние имаме петмесечен син чие растење во здрава животна средина ни е најважно“, појаснува Викторијан.
Викторијан сега работи како менаџер на познатиот хотел „Манастир“ кој е на нивната фамилија, а Душица засега се грижи за синчето. Тие имале убава работа и во Скопје, но одлучиле дека тоа не е нивна опција.
„Берово е феноменално место, а јас сум сигурен дека ни претстои обратен процес, дека многу млади луѓе ќе осознаат дека животот во помало место како ова во многу важни сегменти е подобар. Тука нема никогаш магла, воздухот е прекрасен, летата не се пеколни како во големиот град, со секој на улица си на ‘добро утро – добар ден’. Во Малешевијата храната има сосема поинаков вкус од онаа во Скопје зашто тука сѐ е природно“, укажува Викторијан.
Целата сторија проследете ја на „Независен весник“.