Франција: Кои се новите принципи за проширувањето на ЕУ

Франција испрати таканаречен „нон-пејпер“ до земјите-членки на ЕУ, барајќи „обновен пристап“ во процесот на проширување кон земјите од Западен Балкан. Исто така, од Европската комисија се бара до јануари 2020 година да објави нова методологија во процесот на пристапување, што ќе се применува при започнување на пристапните преговори со земјите кандидати.

Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше увид во овој документ, во кој се потенцира дека се „пребавни“ длабоките политички, економски и социјални трансформации потребни за идно пристапување во Европската унија и дека не се доволни конкретните придобивки за граѓаните во земјите-кандидатки.

Во овој документ, официјален Париз ја реафирмира „недвосмислената поддршка“ на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и смета дека целиот регион припаѓа на Европа по својата историја, култура и географија.

– Поблиски врски со Европската унија се единствениот начин овие земји да се консолидираат, врз основа на владеењето на правото и отворени и плуралистички општества, кои се занимаваат со својот економски и социјален развој – се наведува во францускиот документ.

Според Франција, таквиот обновен пристап би требало да се заснива на четири принципи: Постепено придружување, построги услови, поконкретна корист и реверзибилност.

Официјален париз бара целокупниот процес на придружување да биде „постепен и поттикнувачки“.

– Откако ќе се отворат преговорите, процесот на интеграција повеќе нема да се заснова на отворање голем број тематски поглавја, туку на неколку последователни фази, кои ќе формираат кохерентни блокови на политики и шема воспоставена од ЕУ, земајќи ги предвид специфичните карактеристики на секој кандидат, каде што е соодветно – се вели во документот во кој имал увид РСЕ.

Владеењето на правото и темелните права би останале интегрално барање од моментот на отворање преговори, и би останале такви во сите области за време на процесот. Исто така, официјален Париз предлага, преминувањето од една во друга фаза да биде детално изложен, а главно би се засновал на „постојано, неповратно напредување во областа на владеењето на правото“.

Земјите кандидатки би морале да ги прилагодат своите институционални и административни способности на потребата од ефикасно учество во различни политики. За конечното пристапување ќе се одлучува врз основа на исполнување на конкретни економски и социјални стремежи.

Исто така, со нон-пејперот се предвидува дополнителна финансиска помош во предпристапниот период за Западен балкан, што би подразбирало поголеми предпристапни инструменти и пристап до структурните фондови кои сега се резервирани само за земјите-членки на ЕУ.

Клучниот предлог на Франција е во усвојување на принципот на реверзибилност, бидејќи се смета дека тоа ќе го осигура кредибилитетот и поттикнувачката природа на процесот. Според Париз, таквиот принцип е нужен во ситуации кога земјата кандидат делумно или воопшто не исполнува одредени критериуми, или престанала да ги исполнува преземените обврски. Во таков случај европскиот одговор би можел да се движи од запирање на финансиската помош до општа суспензија, во случај да се доведени во прашање основните вредности на ЕУ.

- Реклама -