Заев по „историскиот договор“ со СОНК за зголемување на платите: Најважно е наставниците да се мотивирани

„Постигнат историски договор помеѓу МОН и СОНК!Наставниците добиваат дополнителни 10% покачување на платата од jануари 2020. Тоа значи вкупно покачување на платите на просветните работници од над 20%. Најважно е за децата и за образованието да се грижат мотивирани наставници. Се грижиме!“, сподели премиерот Зоран Заев, откако денеска на прес-конференција министерот за образование Арбр Адеми соопшти дека средбата била „историски момент“ и дека е горд на одлуката со која, како што рече, се враќа достоинството на професорската дејност.

Според претседателот на СОНК – Јаким Неделков, иако конечно нивното барање е прифатено, преговорите не застануваат овде. Тој во иднина најави нови рунди на кои ќе се дискутира за прашањата кои се отвориле во последниов, како што рече, „мачен и тежок период на преговори“.

Од ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа, обвинија за режирана претстава и политичко замешалство. Портпаролот на партијата – Наум Стоилковски, „се пожали“ дека СОНК еднострано ја откажал договорената средба меѓу претседателот на синдикатот и претставници од партијата, но и обвини дека од нејасни причини синдикатот се откажал од зголемување на платите од 25 проценти, според колективниот договор што го склучила претходната власт:

„Што се однесува до самиот договор, претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ склучи колективен договор со кој што се предвидуваше динамично зголемување на платите од 25 проценти. Оваа влада е три години на власт и немаше никакво зголемување, а сѐ што требаше да се направи е да се почитува договореното од страна на Министерството за образование кое повеќекратно го прекршува тој колективен договор. Зошто сега се отфрлаат тие 25 проценти и се прифаќаат сукцесивно само првично по 10 проценти зголемување треба да одговори власта која што е во заминување“, рече Стоилковски.

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

Тој појасни дека ВМРО-ДПМНЕ го поддржува секое зголемување на платите на работниците кое се прави врз основа на здрава и развиена економија.

„ВМРО-ДПМНЕ го повикува премиерот во заминување Заев на одговорен пристап со оглед на фактот што на оваа влада и преостануваат само уште неколку месеци од нејзиното катастрофално владеење, особено имајќи го во предвид фактот што е веќе докажано дека Заев може да ветува сѐ, а знаеме дека реализацијата на тие ветувања е еднаква на нула. Како и за се друго неговиот збор нема вредност, затоа што овој човек не се држи до својот договор, и дека по изборите друг ќе треба да ги обезбеди тие средства“, рече Стоилковски, додавајќи дека работниците заслужуваат многу повеќе и ВМРО-ДПМНЕ ќе го даде максимумот за да им помогне, како и дека партијата поддржува секакво синдикално движење без политички обланди, кое искрено ќе се залага за правата на работниците.

- Реклама -