Околу 30 проценти од површината на Земјата е копно. А каде што има копно има и нација или најчесто повеќе нации кои се подготвени да го присвојат. Всушност некои од најчудните спорови во историјата биле започнати поради толку мали територии што едноставно зачудуваат. Со исклучок на Антарктика речиси секој квадратен метар копно е присвоен од барем една нација.
Но постои и исклучок – територија со форма на трапез и површина од околу 2000 километри квадратни наречена Бир Тавил. Бир Тавил се наоѓа помеѓу Египет и Судан и ниту едната нација не ја сака оваа територија, па двете дури и би биле пресреќни ако другата нација ја присвои. Територијата нема пристап на море и е неплодна, теренот е сув и планински и во целата територија нема ниту една трајна населба – пред еден век племе номади ја користела околината како пасиште, но земјата одамна се променила.
Преводот на „Бир Тавил“ е „длабок бунар“ име кое областа го добила пред неколку децении поради присуството на бунар (и ништо друго), но денес дури и тој бунар е пресушен. Но општата бескорисност на Бир Тавил не е причината поради која двете земји одбиваат да го присвојат. Причината е што нацијата која ќе го присвои Бир Тавил со тоа се откажува од Триаголникот Хала’иб кој се наоѓа североисточно од него. Триаголникот е многу поголем, има плодна почва и излегува на Црвеното Море, што значи дека двете земји го сакаат за себе.
Спорот потекнува од два декрети, еден од 1899 и друг од 1902 година. Во 1899 година Британија (која во тоа време имала контрола на областа) ја исцртала северната граница на Судан на 22-та паралела, права линија која се движи источно до Црвеното Море. Со таа граница Египет требало да добие контрола на Триаголникот Хала’иб а територијата која денес се вика Бир Тавил требало да припадне на Судан. Но оваа граница имала мал проблем – група луѓе кои живееле во Триаголникот биле и географски и културно поблиску до суданскиот главен град Картум.
За да го поправи овој проблем, Британија во 1902 година исцртала забеста „административна граница“ според која Триаголникот се припојува кон Судан и, поради некоја причина, областа позната како Бир Тавил била додадена кон Египет. Денес Египет го признава декретот од 1899 година како важечки а Судан оној од 1902 година. Како резултат на сево ова никој не го сака Бир Тавил со што тоа е единственото парче земја кое не е присвоено од ниедна нација.