Сојуз на синдикати: Само во Македонија газдите најавуваат штрајк против своите работници

Барањето на Текстилниот кластер за 8.5-часовно работно време за да можат текстилните работници да имаат платена пауза од 30 минути и за да се зголеми продуктивноста и конкурентноста на македонските текстилни фабрики во однос на оние од регионот, ќе значи нарушување на правото за кое работниците се избориле во 1886 година, кога штрајкувале со цел воведување на 8-часовно работно време, реагираат од Сојузот на синдикати за писмото кое текстилните сопственици го испратиле до министерката за труд и социјала, министерката за финансии и вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Наместо со вакви барања да „нѐ враќаат назад“ и да бараат укинување на празниците, текстилните сопственици треба да ги почитуваат законите и колективните договори и да ја исплаќаат прекувремената работа и работата во празници, велат од ССМ.

Од ССМ оценуваат дека барањата на Кластерот се спротивни од европските трендови за унапредување на работничките права и дека преседан е работодавачите да најавуваат штрајкови против своите работници, кои притоа имаат најмали плати и чии права најчесто се прекршуваат во државава.

Од ССМ инсистираат работното време да се ограничи на најмногу 38 работни часа неделно и да се почитуваат деновите утврдени како државни празници. Со тоа работниците ќе имаат повеќе време на приватен план и ќе бидат попродуктивни во работата, тврдат.

Зголемувањето на продуктивноста, на која инсистираат од Текстилниот кластер, текстилните сопственици треба да го остварат преку вложување во современи  техники на производство и подобрување на условите и безбедноста за работа, преку покачени плати и зголемување на работничките права, децидни се од Сојузот на синдикати.

 

- Реклама -