Му пречи „северна“ во името на државата, како и на сите Македонци и граѓани на државата, и уште не може да го навикне, но на емоциите местото им е дома, вели Пендаровски во интервју за „Ал Џезира“. Прашан како си го правда тоа, одговара:
„Јас влегов во политиката пред многу години, не само на оваа функција, со сознанието дека мора да се биде закачен на реалниот амбиент во кој се наоѓате. Значи, емоциите ќе ги оставите за по дома. Овде, посебно на оваа позиција, вие морате да водите сметка за иднината на државата. Ако не губиме ништо од идентитетскиот комплекс, а не губиме ништо со Преспанскиот договор – гарантирам, и ако притоа добиваме членство во алијанси како НАТО кои гарантираат просперитет и иднина на земјата, тогаш ќе сфатите дека тоа е нужно.
Што мислите, како се чувствувале во раководството во ’93-та или ’95-та година кога влеговме во Обединетите нации како Поранешна Југословенска Република Македонија? Па никогаш, не мене, туку на никого тоа не му прирасна за срце, никој тоа не го изговараше. Значи, едноставно тоа се компромиси во политиката – жpтвувате нешто за да добиете нешто многу повредно. Е сега, што е жpтвувањето; Ги сменивме таблите по институциите, меѓутоа јас, ние, вие и сите ние и понатаму остануваме Македонци кои зборуваат македонски јазик, имаме кодови кои се МК/МКД… Значи ништо во тој дел не губиме“, додаде Пендаровски, откако претходно ја истакна важноста на членството во НАТО, дури и како поважно од членството во ЕУ, а Преспанскиот договор го посочи како нужниот чекор без кој интеграцијата на земјава во Атлантската алијанса немаше да биде можна.
Прашан како ќе ги оствари заложбите да го помири и обедини народот и како ќе ги убеди луѓето кои сѐ уште не можат да го прифатат новото име на државата, Пендаровски потенцира дека и покрај напорите, тоа не може да го направи сам, барем не со драстично голем ефект.
„Не можете многу да направите ако сте сам, макар биле и претседател, а притоа немате поддршка од ресорните министерства, од невладини организации, од медиумите, ако немате поддршка од едукативниот процес, од учителите, од наставниците, од професорите, од сите нивоа, ако сите ние секојдневно не се убедуваме дека не губиме ништо од тоа кои сме биле досега и кои ќе бидеме за вјек и веков. Се разбира, тоа е процес за кој е потребно време, меѓутоа, ако постапуваме така и тоа биде системски пристап во објаснување, од најмалите категории деца, па до највозрасните – дека, гледате, ништо лошо не се случи, јас сум и понатаму Македонец, вие сте Македонка – тогаш ќе успееме“, порачува тој, додавајќи дека практично ништо не ни е одземено и се работи само за географско прецизирање на тоа во кој дел од регионот се наоѓаме.
За возврат, вели Пендаровски, добиваме многу можности. Дали ќе ги искористиме, зависи од нас, смета, но уверен е дека тоа е можно со добра внатрешна организација и давање шанса на најспособните и најкреативните.
„Ние сме малку луѓе во Република Северна Македонија, но со паметна политика, ако ги исфорсираме најумните меѓу нас, тие можат многу побрзо да нѐ направат дел од светот, побрзо отколку било која друга претходна земја-кандидат за асоцирање во овие организации“, заклучува Пендаровски.
Целото интервју можете да го погледнете во продолжение: