Што им рече Макрон на Македонците кога гласаа на референдумот

Сметам на вас“. Со овие зборови, претседателот Макрон апелираше до граѓаните на Северна Македонија да гласаат за Преспанскиот договор на референдумот на 30 септември 2018.

Во својата порака, вели Ерван Фуере (поранешен шеф на канцеларијата на ЕУ во Македонија) во напис за ЦЕПС, претседателот Макрон истакна дека Договорот од Преспа е клучен „за плановите што ги имаме за иднината на вашата земја“.

Излезе дека тоа е празно ветување.

Македонската влада, меѓутоа, му поверува. Македонскиот парламент го ратификува Договорот од Преспа и сега тој се спроведува, со што беше отстрането она што се сметаше за најголема пречка за пристапот на земјата во НАТО и во ЕУ. Владата направи сè што е во нејзина моќ, со, да признаеме, неколку ситни попатни сопнувања, за да ги исполни реформските барања утврдени од Европскиот совет во јуни 2018 година. Се надеваше дека одлуката за почнување преговори за пристапување ќе биде донесена годинава на јунскиот Европски совет, во согласност со препораката на Европската комисија уште во 2018 година, да се отворат преговори за пристап со Албанија и Северна Македонија.

Во јуни одлуката не беше донесена, па очекувањата беа дека зелено светло конечно ќе се даде на октомврискиот Европски совет, барем за Северна Македонија. Мал број земји-членки негодуваа во врска со случајот на Албанија, поради доцнењата на реформите и влошената политичка клима во таа земја. Во меѓувреме, со Северна Македонија дури и германскиот Бундестаг повика да се почнат преговори за пристап, одлука поддржана и од парламентот во Холандија, земја што прво негодуваше.

Француско вето во кревка околина

Сепак, Франција одлучи поинаку, претседателот Макрон одби да дозволи каква било одлука, дури и за Северна Македонија, инсистирајќи дека ЕУ треба да се концентрира пред сè на сопствените реформи пред да се залага за понатамошно проширување. Тој, исто така, повика на нова методологија на преговорите за пристап.

Притоа, тој ги отфрли постојаните повици од сите шефови на институциите на ЕУ и од другите лидери на ЕУ, особено од канцеларката Меркел, која се обиде да го убеди дека од клучно значење е ЕУ да ги почитува постојаните ветувања што ги дава во Западен Балкан низ годините и стратегиските интереси на самата ЕУ за приближување на земјите од регионот во ЕУ. Ако ова беше Макроновиот начин да се одмазди за тоа што Меркел изминативе две години не сакаше да прифати ниеден од неговите предлози за внатрешни реформи во ЕУ, тој сигурно успеа. Но по која цена?

Тврдоглавоста на претседателот Макрон ги разоткри недостатоците директно во срцето на политиката за проширување на ЕУ и му зададе тежок, ако не и смртоносен удар на кредибилитетот на ЕУ во нејзиното најблиско соседство. Разбирливо е ако сега лидерите на државите во регионот прашаат како некој може од нив да се очекува да веруваат во ветувањата на ЕУ ако на крај тие ветувања не важат? Како можат успешно да се борат против тврдокорните националистички елементи и криминалните мрежи, кои се задоволни кога гледаат дека статус квото продолжува?

Целата статија на mkd.mk

- Реклама -